Нема потпис на договор ниту за минимална плата од 600 евра и раст на сите останати плати за 100 евра, ниту на колективниот договор со кој административните службеници треба да добијат 40 % покачување за две години. Владата и синдикалците ги фрлија ракавиците и понудите, но се чекаа на различни адреси. Првиот човек на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов вели денеска во 9 часот во просториите на ССМ не се појавил претставникот на Владата, да се потпише на двата договори.
„Приоритетите очигледно на Владата се сосема други и затоа не се појавија денеска да ја зголемат минималната плата на 600 евра,да ги зголемат сите останати плати за 6.000 денари, како и да ги зголемат платите за 40 проценти на вработените во Управата“, рече Трендафилов.
Од Владата најостро реагираат на како што велат обидите за создавање лажна слика за социјалниот дијалог. Средба помеѓу премиерот Мицкоски и синдикатот на УПОЗ ќе има во четврток.
.Не знаеме кого Трендафилов чекал, сместувајќи се во празна сала, но едно е кристално јасно, социјалниот дијалог за нас е сериозна и одговорна државна политика, а не средство за политички театар и парадерство пред камери. Јавноста треба да знае дека средбата на премиерот Мицкоски со претставници на синдикатот УПОЗ е закажана и ќе се одржи во просториите на Владата во четврток во 16:45 часот“, велат од Владата.
Од владата не прецизраа дали ќе има средба и за барањето за раст на минималната плата. А, синдикалците пак реагираат и на понудата на премиерот за раст на платите на административните службеници за 40% под услов да се укине Општиот колективен договор. Велат тоа би значело реално намалување на платите за околу 21,8 отсто за над 130.000 вработени во јавниот сектор.
„Ако имаме во предвид дека „икс“ или 12,6 проценти што не им ги дадоа минатата година и „ипсилон“ 9,2% колку што е порасната просечната плата оваа година ќе дојде до износ „зед“ или 21 запирка нешто проценти, тоа значи дека премиерот бара укинување на методологијата која ја ужива тој како функционер, просечна плата по коефициент за сложеност, само за да не ги зголеми платите на работниците, или во парички кажано, тоа ние од Сојузот на синдикатите на Македонија истакнуваме дека значи ќе им земат три парички на работниците, а ќе им дадат една“, изјави Трендафилов.









