Голема трагедија се случи доцна синоќа во Скопје, кога на булеварот „Партизански Одреди” загина младата модна дизајнерка Фросина Кулакова од Неготино. Имаше само 22 години. Во неа со автомобил удрил 20-годишен возач, а Фросина починала на самото место, велат од полицијата
Ужасната вест уште ноќта се прошири во родниот град на девојката, пишува „Фокус“. Граѓаните се шокирани и прашуваат до кога ќе се гине на улиците во нашите градови и уште колку невини животи треба да згаснат, пред да бидат донесени драстични измени во Законот за сообраќај, и да се воведат ригорозни казни за прекршителите.
-Чиста, невина душа пред која беше целиот живот. Таа имаше уште многу да и даде на заедницата, да му даде на светот… Пред само седум месеци ја воодушеви јавноста со нејзините модели на годишната ревија на Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ каде студираше. Нашите мисли се со нејзиното семејство, никој никогаш да не доживее ваква болка, велат сограѓани на девојката.
Исто така, јавноста се сеќава на неа и кога пред 12 години, како десет-годишно девојченце се појави во видео записот за песната ,,Божиќ за секој од нас” заедно со нејзината сестра Росица и Димитар (кои во 2007 година на Детска Евровизија и го донесоа на Македонија 5-то место со песната „Динг, динг, донг”) и со други пејачи од Неготино, и ги освои симпатиите на гледачите, пишува порталот.









