Европската комисија објави дека ќе побара одобрение од Советот на Европската Унија за отворање преговори со шесте земји од Западен Балкан за укинување на роамингот при патување во државите членки на ЕУ. Предлогот се однесува на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.
Доколку Советот ѝ даде мандат на Комисијата, ќе започнат билатерални преговори со секоја земја поединечно. По потпишување на договорите и целосно усогласување со правилата на ЕУ за роаминг, граѓаните ќе можат да разговараат, праќаат пораки и користат мобилен интернет без дополнителни трошоци – по принципот „роаминг како дома“.
Од Европската комисија наведуваат дека ова е конкретен чекор во рамки на Планот за раст на Западен Балкан од 2023 година, кој предвидува постепена интеграција на регионот во единствениот европски пазар уште пред формалното членство.









