Карактеристиките на пожарот во дискотеката „Пулс“ се исти како и при многу други пожари во затворен простор – доминантно влијание има јаглероден моноксид, меѓутоа има и дополнителни фактори како чадот, жешкиот воздух, пренатрупаност, односно стампедо што се јавува при настапување на смртен исход, изјави директорот на Институтот за судска медицина Александар Станков, на денешното судење за пожарот на 16 март 2025 во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.
Од медицинската документација, како што рече вештото лице, повредите кај повредените во пожарот може да се групираат на: Изгореници – од прв, втор и трет степен, најчесто кај главата, врат, граден кош, горни екстремитети и грбот; и Инхалаторни повреди – повреди во вид на термичко оштетување на дишните патишта и механички повреди изразени во вид на скршеници и набивање.
Термичките повреди, појасни вештакот, настанале заради изложеност на висока температура, било да е од жешкиот воздух или да е од капењето на материјалот што горел.
Инхалационите повреди, како што рече, се заради вдишување токсични гасови, додека термичките повреди се настанати од вдишување жежок воздух.
Механички повреди, појасни Станков, се од притисок при паѓање, односно борбата да се излезе надвор или од извлекувањето.
-Останувам во целост на секој документ што е издаден од Институтот а врз основа на наредба од Обвинителството, а е поврзан со настанот на 16 март 2025 година – нагласи Станков.
Во однос на амбиенталните услови, вештакот рече дека амбиенталните услови сигурно влијаеле, посочувајќи дека „не збориме само за јаглероден моноксид, туку и жежок воздух, чад, водороден цијанид, се“.
-Градежно вештачење не можам да коментирам, но ако видам дека таму е дадено 700 степени температура… изјави вештакот.
На вкрстено прашање од одбраната за водородниот цијанид, вештакот изјави дека “цијанидот таму каде што е најден имал влијание како дополнителен, не како доминантен фактор за смрт”.
Прашан дали е точно и дека количина до 0.6 микрограми на милилитар водороден цијанид е вообичаено за пушачи и лица кои живеат во позагадена средина, вештакот рече да, точно е тоа.









