На 13 ноември 1944 година, борците од 42. и 50. Народнослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичка окупација. По неколкудневните тешки борби со припадниците на 22-та Гренадиска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“, која беше распоредена пред Качаничката Клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.
За ослободувањето на Скопје, кое беше солидно организирано и брането со сили од околу една дивизија, можеа да се ангажираат само 42. НО и 50. НО дивизија, и XVI бригада од Кумановската дивизија. 41. НО дивизија доби задача држејќи ги комуникациите во реонот на Градско, Криволок, Кавадарци, Плетвар, да ја затвори долината на Вардар и со тоа да ги заштити од дејството на Германците по тој правец операциите на 49. НО дивизија во правецот на Битола, како и операциите на 42. и 50. НО дивизија во битката за Скопје, и најпосле да послужи како резерва на Главниот штаб на НОв и пО на Македонија. Оттука 41. НО дивизија можеше да се употреби за 2-3 дневен марш, спрема Битола, како поддршка за 49. дивизија спрема Кичево, за да го осигура евентуално бокот во време на нападот на Скопје од дејството на балистите од Западна Македонија (на овој правец подоцна беше и употребена), како и спрема Скопје за експлоатација на успехот на 42. и 50. НО дивизија.За да можат да се соединат 42. и 50. дивизија, неопходно беше прво да се заземе Штип и Велес и дури потоа да се овозможи настапувањето кон Скопје на 42. и 50. НО дивизија.
Замислата за спроведување на битката беше: од југ, исток и север концентрично, со содејство на ударните групи од градот, да се нападнат германските сили во Скопје, да се обиколат и потоа со брз продор во градот да се изолираат одделни групи и уништат.
Планот за напад и заземање на Скопје беше следниот:
42. НО дивизија со две бригади (III и XII ударна македонска бригада) да напаѓа од југ преку Карлијак, со задача по заземањето на надворешната одбрана на Скопје со главните сили да се пробие до мостовите на реката Вардар и по секоја цена да му оневозможи на непријателот да ги урне, а со дел од силите да дејствува спрема Ханриево.
50. НО дивизија и VIII бригада од 42. НО дивизија да настапуваат по левиот брег по долината на Вардар, со задача да нападнат од источната страна на Скопје, потоа, во содејство на XVI македонска ударна бригада да го заземат северниот дел на градот и со тоа да го затворат обрачот околу Скопје, а потоа со дел од силите да ѝ содејствуваат на 42. дивизија при заземањето на мостовите на Вардар и уништувањето на германските сили во Скопје, на десниот брег на Вардар. Со дел од силите да се обезбеди спрема Куманово (кое до 11 ноември беше во рацете на Германците).
XVI македонска бригада од Кумановската дивизија, која дотогаш дејствуваше на комуникацијата: Скопје-Качаник, доби задача од Скопска Црна Гора да нападне на северниот дел од градот, да ги заземе касарните (к. 307) и да ѝ содејствува на 50. НО дивизија, та со тоа да овозможи потполно опколување на германскиот гарнизон во Скопје.
Ударните групи, формирани од страна на партиската организација во градот од работници и младинци од градот, имаа задача, во моментот на навлегувањето на нашите единици во градот, да нападнат на одделни германски посади, нарочно на мостовите на Вардар и со тоа да го помогнат дејството на нашите единици; потоа да им послужат на нашите единици како водачи во уличните борби.
Нападот да се подготви и спроведува така што да се предизвика полно изненадување – оти единиците немаа доволно артилерија за артилериска подготовка (50. дивизија имаше еден дивизион артилерија, а артилеријата на 42. дивизија остана во Велес, бидејќи не можеше да се префрли преку Вардар, а по дивизијата не можеше да се движи низ планините).
Битката за Скопје претставува една многу сложена операција, како во смисла за прибирањето на силите, така и во смисла на самиот чин за спроведување на нападот. Во подготвителната фаза силите беа наполно разделени со голем меѓупростор: 50 НО дивизија во реонот на Штип, а 42 дивизија на Сува Гора. Ова растојание меѓу двете дивизии во воздушна линија изнесува повеќе од 100 километри. Покрај тоа, силите беа разделени и со германските гарнизони во Велес и Штип, што требаше претходно да се ликвидираат и дури потоа да се создадат услови за заедничко настапување кон Скопје. Благодарејќи на енергичното дејство од единиците – задачата: спојување на силите во реонот на Велес, беше извршена со незначително задоцнување од страна на 50 НО дивизија (за еден ден), што дојде прво, поради давање многу силен отпор на Германците во реонот на Штип, потоа поради недостатокот на артилерија за разбивање на непријателските укрепленија, како и поради сосема пасивното држење на V бугарска дивизија на Злетовска Река.
Единиците имаа многу малку артилерија – еден дивизион при 50 НО дивизија и Артилериската школа на Главниот штаб, која ја претставуваше артилеријата на 42 дивизија кај Велес.
Артилеријата на 42 НО дивизија не зеде учество во нападот на Скопје, зашто крај десниот брег на Вардар нема комуникации за да се доведе артилерија, а на левиот брег, поради разурнатите мостови и неумешноста на младите артилерци, не беше префрлена. Сето ова диктираше нападот на Скопје да се изведе само благодарејќи на високиот морал на нашите единици. На тој начин поставениот план за нападот на Скопје доведе до постепено ангажирање на силите. Првин се ангажира 42 НО дивизија во јужниот крај на градот, а потоа 50 НО дивизија, речиси за ден подоцна во источниот дел на градот, а малку подоцна XVI бригада во северозападниот дел. Незгодата беше таа, што најголемиот товар на борбата го прими на себе 42 НО дивизија. Но, од друга страна, Германците во текот на 11 и 12 ноември го ангажираа поголемиот дел на своите сили против 42 НО дивизија (во јужниот дел на градот). Ова пак овозможи релативно лесно да навлезат 50 НО дивизија и VIII бригада од исток и услови резултатите на битката да бидат поголеми, а германските сили на одделни отпорни точки (порано споменатите укрепени згради) сосема да се уништат.
Ударните групи (формирани во градот уште од порано од страна на партиската организација) дадоа големи резултати, како во смисла на дејството од градот, така исто и како водачи на единиците низ градот.









