Камиони, пари, станови и земјиште – замрзнат e имот на бизнисменот Марковски осомничен за злоупотреби во РЕК „Битола“

0
188

Дел од имотот е замрзнат од фирма во Белград, за кој е утврдено дека е поврзан со македонскиот бизнисмен, бидејќи постои сомневање дека е набавен со пари стекнати од кривичните дела за кои е отворена истрага во земјава

Дополнително, од српските власти било побарано да се обезбеди и отвори сеф, што, според истражните органи во земјава, осомничениот го поседувал во една српска банка, а со цел да се провери неговата содржина

Српските власти на барање на Основното јавно обвинителство Битола наредиле замрзнување имот на фирма во Белград поврзана со македонскиот бизнисмен Борче Марковски кој на почетокот на месецов беше осомничен и притворен поради злоупотреби поврзани со РЕК „Битола“, тешки 1,7 милиони евра.

Според Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, имотот што ОЈО Битола побарало итно да биде замрзнат од надлежните органи во Србија, вклучува 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година за фирма со седиште во Белград за која е утврдено дека „има сопственичка поврзаност со лице осомничено за злоупотреби во РЕК ‘Битола4, против кое беше поведена истрага на 9 октомври“.

Иако во соопштението на Обвинителството не е наведено за кое лице станува збор, сепак од контекстот, како и од наведениот датум, во него повеќе од јасно е дека станува збор за бизнисменот Борче Марковски, сопственик на фирмата „Марковски компани“, кој заедно со уште седум лица е осомничен во истрага на битолското обвинителство за кривични дела поврзани со јавна набавка за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“.