Регионот на Западен Балкан ќе се стабилизира само кога ќе ослабне руското влијание, особено во Србија и Република Српска, изјави косовскиот премиер Албин Курти во интервју за швајцарското издание NZZ.
„Не постои ниту волја ниту капацитет за меѓудржавно насилство во рамките на шесте земји од Западен Балкан. Хибридното влијание на Русија преку енергија, војска и медиуми е проблематично. Вистинската промена зависи од демократските сили во Србија“, рече Курти.
Тој најави дека Косово ќе издвои една милијарда евра за одбрана. „Ќе создадеме индустриски бази, вклучително и фабрика за муниција во Ѓаковица“, рече премиерот.
Според него, Косово се ориентира кон моделите на Шведска и балтичките држави во организирањето на своите вооружени сили, особено во однос на концептот на сеопфатна одбрана. „Кога имате голем сосед, мора да размислувате поинаку. Не можеме да си дозволиме хаос пред закана. Секој граѓанин мора да знае каква е неговата улога во катастрофа или војна“, нагласи Курти. Тој го спомена и полскиот модел на „заедничка безбедносна обука за сите, особено за младите“.









