Наместо бесплатен преглед, матични гинеколози им наплаќале на пациентки за ехо, колпоскопија, ПАП тест како и други дијагностички процедури незаконски. Фондот за здравствено осигурување и УЈП открија низа неправилности во контролата што ја извршиле во ординациите на матичните гинеколози.
Од вкупно 49 контролирани ориднации кај речиси половина биле откриени неправилности и казни заработиле 23 ординации.
И покрај големиот број на претставки од страна на пациентки, актуелниот директор на Фондот вели дека цели тринаесет години претходно не била извршена контрола. Казните се парични, но доколку се повторуваат истите неправилности тогаш следува и раскинување на договорот на Фондот со ординациите.
Сашо Клековски – Директор на ФЗОМ
„Казните за прв пат на ваков наод се 25.000 денари парична казна, повторувањето на истиот тип прекршок води кон зголемување на казната, а после одреден број на повторувања и раскинување на договорот што Фондот го има со приватната здравствена установа. Ние во минатото сме имале раскинување со одредени приватни здравствени установи, меѓутоа претпоставувам тоа не било јавно комуницирано од икс причини. Она што сега сакаме да го направиме со јавната комуникација е дека има закон и дека од безаконие треба да се поместиме кон владеење на правото вклучувајќи и заштита на правата на пациентите“….
Контролата утврдила и дека повеќе од една третина од ординациите не издавале фискални сметки. Од УЈП со порака до пациентките – ако не добиете фискална сметка – пријавете во надлежните институции.
Елена Петрова – Директорка на УЈП
„Сакам јасно да потенцирам, иако здравствените услуги се ослободени од ДДВ, а најголем дел од овие установи плаќаат симболичен годишен данок на вкупен приход од 1% или се целосно ослободени, тоа не значи дека неевидентирањето на прометот е без даночен ефект . Напротив неевидентирањето на приходите остава простор за нивно користење како неоданочени лични примања, стекнување личен имот од неоданочен доход, како и за плаќања на набавки во готово што директно ја храни сивата економија“…
Незаконската наплата од страна на дел од матичните гинкелози се провлекува со години наназад. Од фондот најавија континуирани контроли за да се напушти ваквата пракса и за да се заштитат правата на пациентите.









