Николовски и Трипуновски наддаваа кој повеќе го уништил земјоделството

0
16

Главниот дуел го водеа поранешниот министер за земјоделство, а сега пратеник Љупчо Николовски од една страна, и министерот Цветан Трипуновски од друга. Пратениците, пак, мавтаа со документи за „наместени“ договори, а паднаа и закани за тоа кој пред која институција допрва ќе треба да одговара.

Со меѓусебни обвинувања СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за тоа кој повеќе го опустошил, украл и се корумпирал во ресорот земјоделството, пратениците расправаа за интерпелацијата за министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, поднесена од пратеничката група на социјалдемократите.
Главниот дуел го водеа поранешниот министер за земјоделство, а сега пратеник Љупчо Николовски, и министерот Трипуновски. Пратениците, пак, мавтаа со документи за „наместени“ договори, а паднаа и закани за тоа кој пред која институција допрва ќе треба да одговара.

Министре, во вашиот двегодишен мандат не исполнивте ниту едно дадено ветување. Корупција на сите нивоа, а каде и да погледнат земјоделците, гледаат малку пари за нив. Вие, незадоволни од нивните коментари, не можете да стигнете да ги избришете коментарите, бидејќи само тоа го работите. Мандатот ви почна со слоганот „спас за земјоделците“, а ви завршува со скандали, корупција, запрени ИПАРД-фондови и блокирани, намалени и неисплатени субвенции. Катастрофа! Ако ги читате насловите во медиумите, земјоделството редовно ви е во црната хроника – рече Николовски во образложението на интерпелацијата.

Трипуновски во своја одбрана го нападна ексминистерот Николовски дека во време на неговото министерување, земјоделците останале разочарани и со празни раце.

– Наводите за системска корупција се невистинити паушални и неиздржани обиди за добивање политички поени. Седум години имавте шанса да ја поправите состојбата во земјоделството и жалам што Николовски вака сака да опстојува на политичката сцена. Го колабиравте системот и направивте хаос во институциите. Денес токму СДСМ и вие, Николовски, сакате да прикажете дека проблемите почнале со нас, а не во вашето владеење. Вие сте главниот виновник за она што го затекнавме во ресорот. Вашето време како министер за земјоделство ќе биде запаметено по криминалот што цветаше. За тоа се поднесени и кривични пријави за сторено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување Поднесена е кривична пријава од мене против вас за договори за закуп за државно земјоделско земјиште. Унапредувања без запазување на процедурите. Сите пријави ќе треба да ги објасните на друга адреса. Не се заканувам, јас како министер требаше да ја проверам вашата работа – рече Трипуновски.

Фотографијата е генерирана со вештачка интелигенција.