Во малото грчко село Нивици (Псарадес), на брегот на Преспанското Езеро на територијата на Грција, пред осум години, на 17 јуни 2018 година, Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа, со кој беше ставен крај на долгогодишниот билатерален спор меѓу двете земји.
Со договорот, тогашната Република Македонија го промени своето уставно име во Република Северна Македонија, Грција го призна македонскиот јазик и македонскиот идентитет, а земјата стана членка на НАТО. Воедно, значително се интензивираше и билатералната соработка со јужниот сосед.
Договорот беше резултат на неколкумесечни интензивни преговори меѓу двете страни, во период кога во Грција на власт беше СИРИЗА, а во Македонија СДСМ. Документот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, како и посредникот Метју Нимиц и високи претставници на Европската Унија и меѓународната заедница.
Нешто повеќе од три месеци по потпишувањето, на 30 септември 2018 година, граѓаните беа повикани на референдум да одговорат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.
Излезноста на референдумот изнесуваше 36,91 отсто, при што 91,47 проценти од излезените гласаа „за“, а 5,64 проценти „против“. Сепак, референдумот не беше успешен, бидејќи не беше достигнат потребниот цензус од над половина од вкупниот број запишани избирачи.
Договорот од Преспа беше резултат на преговори што траеја речиси 27 години, со различен интензитет, периоди на застој и повторно активирање, особено по 2017 година кога процесот доби нова динамика и доведе до конечното решение.
И покрај промените на власт во двете земји, договорот остана на сила и во изминатите години придонесе за засилена соработка во повеќе области, меѓу кои економијата и енергетиката. Атина останува силен поддржувач на европската перспектива на земјите од регионот, вклучително и на Северна Македонија.
Во октомври 2021 година, претседателот Стево Пендаровски беше првиот македонски шеф на државата кој ја посети Грција, додека во април 2019 година тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас престојуваше во Скопје, што беше прва посета на грчки премиер по потпишувањето на договорот.
Сепак, во последниот период се забележува отсуство на билатерални средби на највисоко ниво меѓу актуелните политички лидери на двете земји, како и непостоечки или одложени официјални посети на државно ниво.









