Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Ријад беше погодена од два дрона, а во дипломатскиот комплекс во градот избувна пожар, но немаше непосредни извештаи за жртви, соопшти саудиското Министерство за одбрана.
Засега според извештаите на медиумите пријавена е мала материјална штета. Според Гардијан, над дипломатскиот кварт во градот се издигал црн чад, додека сведоци пријавиле силна експлозија и пламен.
Саудиските власти и еден извор изјавија дека пожарот бил помал.
Зградата на амбасадата била празна во времето на нападот и немало извештаи за жртви, објави Ал Џезира.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави за „Њуз нешјон“ дека одговорот на Вашингтон на нападот врз амбасадата „наскоро ќе биде познат“.
Американската амбасада претходно издаде предупредување до американските граѓани во Ријад, Џеда и Дахран да останат во засолништа и да ја избегнуваат амбасадата до понатамошно известување.









