Полицајци казниле друго лице за прекршок кој го сторил братот на градоначалникот на Бутел

0
194

МВР соопшти дека е поднесена кривична пријава против двајцата полицајци кои преку фалсификат се обидоа да прикријат сообраќаен прекршок сторен од Далибор Цветковски, брат на градоначалникот на Бутел, Бобан Стефковски. Полицајците, кои со радар измериле многу поголема брзина од дозволеното кај автомобилот на Стефковски, иако го запреле, не му напишале казна, по што казната му ја напишале на друг возач, кој немал врска со конкретниот прекршок, но им бил познат од претходно како чест извршител на прекршоци, велат од МВР.

Кривична добија Д.К., помлад полицаец и Б.Д., полицаец за безбедност на патниот сообраќај во Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје.

„Пријавените како службени лица – полициски службеници на 20.04.2025 година со намера да го спречат и отежнат докажувањето, прикривале и фалсификувале документи што може да послужат како доказ во постапка пред суд или друг орган надлежен за водење на постапка уредена со закон, на начин што првопријавениот издал прекршочен платен налог и записник за сторен сообраќаен прекршок на име на лице од Скопје за сторен прекршок, а потоа за да го прикрие прекршокот на лицето, ги преправил и фалсификувал прекршочниот платен налог и записникот за сторен сообраќаен прекршок на начин што на вториот примерок врз податоците нанесени со индиго од првиот примерок со пенкало ги внел податоците од друго лице од Скопје, иако ова лице воопшто наведениот ден не го контролирале ниту од нивна страна било запрено за сторен прекршок, а кое од претходно им било познато како чест извршител на сообраќајни прекршоци“, велат сега од МВР.