Пушат 40 % од младите до 18 години – бројките се алармантни

0
150

Превенцијата во рана возраст е клучна за одбегнување на злоупотребата на штетните материи како алкохол, цигари и дрога, а образованиот процес е најдобар начин за превенција и одбегнување на злоупотребата на штетните материи, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во рамки на регионалната работилница „Јакнење на соработката меѓу медиумите, експертите и институциите за подобри политики за контрола на тутунот и заштита на јавното здравје во Западен Балкан“, во организација на Аналитика Тинк Тенк.

-На оваа регионална работилница се зборува за една горлива и многу сериозна тема, злоупотребата на тутунот и електронските цигари кај младите. Она што е навистина поразително е штетното влијание на здравјето. Тоа мора да го превенираме и Министерството за образование и наука и Владата преземаат определени чекори првенствено за превенција за да ги избегнеме трошоците за лекување во подоцнежите години, нагласи Јаневска.

Таа потсети дека новина од оваа година е воведување на предметот „Учам за моето здравје“.

Она што го правиме во образованието кое всушност е најдобар начин за превенција и одбегнување на злоупотребата на штетните материи е дека и во основното и во средното образование во различни предмети се присутни теми за здравствена писменост, и еве една новина во седмо одделение оваа година е воведен изборен предмет „Учам за моето здравје“, рече Јаневска.

Министерката истакна дека во новите законски решенија за основно и средно образование ги задолжиле училиштата да спроведуваат програми против дискриминација, против насилство, против малолетничка деликвенција, но и против злоупотреба на овие супстанции – тутунот, алкохолот и дрогата.

-Дополнително во изминатиот период е почната една програма со Канцеларијата за борба против дрога и криминал на ОН и со Меѓународната фондација Лајонс клуб за превенција од ваквите негативни појави која се вика „Вештина за адолесценција“, и која во перидот на Ковид е запрена. За жал минатата Влада не покажала интерес оваа програма да продолжи. Во неа треба да се обучат 50 стручни соработници и 150 наставници во 50 училишта како да се превенираат несаканите појави во училиштата. Ова Влада реши да ја продолжи оваа програма и обуката на крајот на оваа година продолжува за да можеме да ја оствариме својата цел, информира Јаневска.