Слободен печат: Фалсификуваната лиценца за „Пулс“ на една адреса, а пазарната инспекција одела на друга

0
547

Фирмата „ММММ Кафе Дооел“ Кочани, што управувала со кабарето „Пулс“ добила лажна лиценца за работа издадена од Министерството за економија каде како адреса на која е заведена дискотеката фигурира улицата „Крижевска број 2“ во Кочани, објави Слободен печат

Токму оваа адреса во индустриската зона во Кочани, во близина на кружниот тек, претставува и адресата која што Државниот пазарен инспекторат ја имал во својот регистар за вршење инспекциски надзори во 2023 година, но тогаш не им била заведена како адреса на која што треба да се врши надзорот, туку како адреса на која „се наоѓа седиштето на фирмата „ДПТУУ „ММММ кафе ДООЕЛ“ Кочани, спротивно на тоа што е заведено во Бизнис мрежа.

Во лажната лиценца, пак, издадена на 13 март 2024 година, адресите се заведени обратно и на точен начин – седиштето е на „Димитар Влахов“ а објектот на „кабарето“ е на улицата „Крижевска“ како што во реалноста и било.

Според документација што „Слободен печат“ ја доби од свиркачи, инспекторка на Државниот пазарен инспекторат на 28 јуни 2023 година спровела надзор не на адресата каде се наоѓала дискотеката уште од 2012 година, туку во објект на улицата „Димитар Влахов бр.5 сутерен – 33“ Кочани, која што не е истата адреса на која се наоѓа дискотеката. Оваа информација е потврдена од документација што „Слободен печат“ ја доби од укажувачи од Државен пазарен инспекторат (ДПИ). Можно е инспекцискиот надзор да бил вршен во вториот, сега демолиран кафе-објект на неформалниот сопственик Дејан Јованов – Деко. На хартија, како управител на фирмата фигурирал шанкерот Александар Карадакоски кој е повреден во пожарот.

Надзорот што го спровела инспекторката на 28 јуни 2023 година бил вонреден, а во регистарот на извршени инспекциски надзори, графата за изречени мерки е празна, што значи дека најверојатно не била пронајдена неправилност.

На страницата на Државниот пазарен инспекторат на 11 ноември 2024 е објавен неделен извештај (до него може да пристапите на следниот линк), од кој се гледа дека на 29.10.2024 во правниот субјект ДПТУ ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани (на кого е издадена лажната лиценца за „Пулс“), е извршен повторно вонреден инспекциски надзор за да се провери дали се почитува Законот за заштита од пушењето, ама не е утврдена неправилност. Не е објавено на која адреса е вршен надзорот.

Нашите извори тврдат дека претставки за вонредни инспекциски надзори до ДПИ во Скопје во врска со фирмата „ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани“ стигнувале директно до одделението на ДПИ во Штип, а не во Скопје.

Според податоците во „Бизнис мрежа“, „ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани“ била основана на 15 мај 2020 година, а седиштето на фирмата е на „Димитар Влахов“ бр. 5. Во регистарот на пазарната инспекција, пак, седиштето е на „Крижевска“ каде всушност се наоѓа објектот.