Собранието со 81 глас „за“ ги изгласа измените – „Safe city“ почнува од 1 февруари

0
237

Со 81 глас „за“ и 19 „против“, пратениците во Собранието го изгласаа Законот за прекршоци, со што дадоа зелено светло системот „Safe City“ да стапи во сила од 1 февруари. Поддршка на законот му дадоа пратениците од парламентарното мнозинство, пратениците од партијата Левица, меѓу кои и пратеникот од турската партија Бејџан Илијаз, како и независниот пратеник Илир Демири. Против гласаа пратениците од Европскиот фронт, пратениците од СДСМ, пратениците од Алијансата за Албанците на Зијадин Села и пратениците од Алијансата за Албанците на Арбен Таравари.

Координаторката на пратеничката група на Европскиот фронт, Рина Ајдари, ги соопшти причините зошто гласале против. Според неа, забелешките поврзани со употребата на албанскиот јазик, примената само во три градови и неусогласеноста на сообраќајната сигнализација, не се вклучени во законот.

Ние како пратеничка група донесовме одлука земајќи го предвид и притисокот од граѓаните, имајќи предвид дека законот е неуставен, поради самиот факт што се имплементира само во еден дел од Република Северна Македонија, како и сите забелешки што ги изнесовме на прес-конференција. Донесовме одлука да не го поддржиме Законот за прекршоци, со кој ќе се финализира таканаречениот проект „Safe City“, бидејќи остава многу простор за подобрување и затоа што сите оние гаранции што практично ги добивме од координаторот на ВМРО-ДПМНЕ и од претставниците на МВР нема да бидат имплементирани во законот. Ситуацијата беше нејасна и како резултат на тоа решивме да не го поддржиме.“, порача Рина Ајдари.

И пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски, се изјасни против овој закон, бидејќи според него, остава многу простор за злоупотреби.