Нa хаосот my доаѓа Крајот !

0

Од: Др. Арбен Таравари

Ајде, нема да речам дека образованието и здравството капитулирале. Да пробаме на „дипломатски“ начин, колку и да звучи лицемерно и смешно. Сè уште нема да ги прогласиме за капитулирани, иако мозокот ми вели нешто друго. Нејсе.
Ама, пак, дека здравството и образованието едвај се држат на нозе и се ризик за нашата сегашност и иднина, а уште повеќе за нашите деца, тое е сигурно. Освен тоа е и алармантно и ургентно!
Само што започна новата учебна година, а училиштата се преполни со хаос, дискриминација и незнаење. И нема зошто да се чудиме од каде доаѓа сето тоа. Секако дека е последица на непромислената, корумпирана и грда политика на вработување.
Проблемот започнува уште при дипломирањето на партиските кадри. Да не речам дека уште пред да дипломираат, тие знаат каков ќе биде патот на „славата“. Па така, си добиваме учители и наставни кадри што шират незнаење, граматичари кои не го знаат местото на интерпункциските знаци, а камоли, пак, нешто друго, историчари, филозофи и математичари чија најголема активност е „гуглањето“ на непознатите поими и дефиниции, и што ли уште не.
Мојата професија е лекар и, секако, со должна почит и внимание барам помош редовите на моите колумни и анализи да ги помине професионалното око на уредникот и лекторот. Но, јас не си дозволувам и не смеам да грешам во неврологијата, она за што сум учел сиот живот. Замислете, доаѓате кај мене на преглед, а јас од какви било причини ви ги мешам медицинските термини додека ви ја соопштувам дијагнозата… За мене, за вас, за секого, тоа би било АПСОЛУТНА КАТАСТРОФА! Немам посоодветен збор.
Ама, пак, лошо(не)образуваните или воопшто неедуцираните кадри се алките што го држат партискиот ланец. Нивната квалификација е партиската книшка, презимето или бројот на гласови што ги собрале во соседството. Е, токму тие, надмено и речиси со презир ги третираат вистинските наставници, кои се борат со очајот што нивните слаби ученици сега им се веќе колеги. Другите кои се на мета и вечно ги мачи незнаењето и неспособноста на овие псевдо-наставници, за жал, се децата. Со ентузијазам влегуваат в училиште, но таму влегуваат во вртлогот на незнаењето на непрофесионалните и ризикуваат да го запечатат своето незнаење.
Но, во целиот овој метеж добрата вест е што сѐ уште имаме и вистински наставници, на кои им се потрошила трпеливоста, луѓе кои излегуваат од темната школка на криминалната политика на партијата што се движи кон капитулација. Вистинските наставници, оние кои со жед за учење ја „пиеле“ науката, педагозите кои ја знаат важноста на дидактиката, оние кои живеат со грижите на своите ученици, оние кои се инженери и архитекти на татковина од иднината, оние кои имаат пасија за едукација и подобрување на човековиот живот, оние оние кои се хумани, тоа е таа група група во општеството што има одговорност да ја преземе контролата врз сопствената судбина, а со тоа и судбината на нашите деца.
Нам, останатите, не ни преостанува ништо туку да бидеме покрај нив во оваа битка за достоинство, која е единствената надеж за да се спаси образованието. За идните генерации да го осведочат денот кога училиштето ќе го предводат педагози, а не патолошки политичари кои го кршат законот со двете раце, вработувајќи свои активисти кои, кратко и јасно, ни ги уништуваат децата.
Сега, да се фокусирам на здравството, мојата Ахилова пета, она што ми лежи в срце, бидејќи со години работам како невролог.
Во моментов, во нашата земја, продолжува трендот од последните 20 години, одбележувајќи го својот врв со најголемиот егзодус на лекари што го забележала Северна Македонија досега. В болница одиш со една дијагноза, а излегуваш со пет. И прашање е дали се вистинските! Кога ти закажуваат операција, еден член на семејството чека во ходникот на болницата, додека другите се во банка, каде што поднесуваат барање за кредит.
Во многу болнички соби мора да си носиш греалка од дома, храна, кујнски прибор, перници и чаршафи. Да не ве зачуди ако некој ден побараат пациентот со себе да си го донесе и креветот. Страв да те фати да одиш в болница. Особено ако некој е од семејство со ниски приходи, а за жал, во Македонија, повеќето семејства се такви. Болницата, она што треба да биде поим за создавање чувство дека ќе се излечиш и дека повеќе нема да си болен, за жал, е место каде што се случува токму спротивното. И да не си бил болен, ќе се разболиш.
Здравствениот сектор го нема повеќе бројот на лекари што го имаше, ги избрка политиката, секако, со платите чиј износ, исто како оној на наставниците, ги навредува и нема услови за нормално дијагностицирање или хоспитализација на пациентите.
Доколку не се преземат итни мерки во овој сектор, ве уверувам, Северна Македонија ќе биде пусто место кое само ќе го посетуваат љубопитни луѓе, исто како што се посетуваат затворите или камповите во поранешните тоталитарни држави.
Вербата во подобра иднина нема да значи ништо без да се дејствува на вистинскиот начин. Во спротивно, ќе се удавиме во темните простории на корупцијата што политиката продолжува да ја одржува во живот.