Избран Оливер Спасовски за Технички премиер

0
89

Со 101 глас „за“, ниту еден воздржан или против Собранието ја избра новата Влада која треба да ги спроведе предвмерните парламентарни избори закажани за 12 април. Со 97 гласа „за“ беа избрани и замениците министри и дополнителните заменици министри

СКОПЈЕ – Оливер Спасовски и официјално е премиер на преодната Влада која треба да ги органиизра предвремените парламентарни избори закажани за април. Попладнево тој едногласно беше изгласан во Собранието заедно со членовите на неговиот кабинет.

Во своето експозе пред пратениците Спасовски кажа дека предводењето на Владата во ваков период, за него претставува силен предизвик и голема лична, професионална и политичка одговорност. Освен организирање на слободни, фер и демократски избори, новата влада, во Програмата за работа што Спасовски ја достави до Собранието, како приоритети се наведени и полноправно членство на државата во НАТО и успешно започнување и водење на пристапните преговори со ЕУ како и развој на економијата, реформи во правосудството, намалување на аерозагадувањето, борба со организираниот криминал и корупцијата.

„ Нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога се очекува непречено функционирање на сите институции на државната власт. Ова е време кога е потребно да се организираат фер и демократски избори, но и да се завршат потребните активности за полноправно членство на нашата држава во НАТОи да се следат одлуките на Европскиот совет поврзани со почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Токму затоа, честа, но пред сѐ одговорноста да се предводи Владата во овој период, за мене претставува силен предизвик, но и голема лична, професионална и политичка одговорност да се даде максимумот за доброто на граѓаните и за развојот и напредокот на Северна Македонија. Преодната Влада ќе овозможи континуитет на функционирањето на институциите, на владеењето на правото и демократијата и организирање на фер и демократски избори“, рече Спасовски.

Тој потенцираше дека изборите се врвен приоритет на преодната Влада и нагласи дека одговорнста ја има и опозицијата.

„ Ве уверувам дека јас како Претседател, министрите, замениците министри и дополнителните заменици министри ќе ги преземеме сите потребни мерки за да бидат обезбедени услови за спроведување на успешни предвремени парламентарни избори. Надлежните институции ќе ги добијат целокупната поддршка и помош за организација и спроведување на изборите. Очекувам професионална соработка помеѓу Владата и Собранието, а особено со Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата, домашните и меѓународните набљудувачи, како и со сите органи и тела кои имаат соодветна улога во организацијата и спроведувањето на изборите. Тука особено апелирам до опозицијата – одговорноста за спроведување на беспрекорни избори сега е подеднакво и ваша“, рече Спасовски.

Новите министри во преодната Влада, на предлог на опозицијата, се Наќе Чулев за внатрешни раобти и Рашела Мизрахи за труди и социјална политика. На местото на Кочо Анѓушев доаѓа Мила Царовска.

Цветан Трипуновски, дополнителен заменик министер во земјоделство, кажа дека оваа техничка Влада не е Влада која што ќе направи чуда ниту пак ќе може да ги реши проблемите напластени со години на стагнација.
„Но јас и моите колеги до мене ветуваме беспоштедна работа со која што ќе обезбедиме волјата на граѓаните да биде изразена во слободни и фер избори. Оваа техничка влада има за број еден цел да ја заштити волјата на граѓаните и да овозможи заштита на нивните права и слободи.Од денес влегуваме во институциите, и ќе работиме на постигнување на стандарди, за да обезбедиме заштита на волјата на народот и да биде кажана на фер и слободни избори. После 12-ти април доаѓа вистинската обнова во Република Македонија“, изјави Трипуновски.

Утрово, како што беше предвидено, Зоран Заев поднесе оставка на премиерската функција која ја извршуваше две години и седум месеци.

Како што беше најавено претседателот Стево Пендаровски попладнево ги прими членовите на новиот состав на преодната Влада и им го честиташе изборот.

„Претседателот изрази очекување во овие историски моменти за нашата држава, кога треба да се заокружи полноправното членство во НАТО и да се одреди датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија, да го потврдиме демократскиот капацитет на Северна Македонија и да се спроведат предвремените парламентарни избори во фер и демократска атмосфера“, соопштија од кабинетот на Пендаровски.

Инаку ова е втора техничка влада во Македонија. Првата се формираше пред предвремените избори во 2016 година, а за технички премиер беше именуван Емил Димитриев.

Глас на Америка