Мицкоски: Истрага за Заев и ревизија на работата на Врховен суд

0
74

Со добро познатата иконографија, со многу знамиња со ѕвездата од Кутлеш и со скандирања „Никогаш Северна, само Македонија“ денеска во 18 часот започна протестот на опозицијата пред зградата на Основното јавно обвинителcтво, кој понатаму водеше до Врховниот суд.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача пред присутните дека правдата е нападната од неправдата, зборувајќи притоа за ауди снимката за лидерот на СДСМ, Зоран Заев, која деновиве ја пушти во етер пратеникот, Антонио Милошски, нагласувајќи притоа дека во неа се слушнало како со неправилен граматички, но разбирлив јазик тој ја егзекутира правдата.

„Што би рекол „трас-трас”. Тука сме да ја кажеме вистината дека судската и обвинителската власт е брутално згазена. Аудио материјалот докажува и покажува мафија. Мафија која владее со секоја пора власт која треба да е независна, а не е! Мафија која ја одзема слободата и правдата. Мафија која три години е сојузник со криминалот кој останува неказнет. Зоран Заев е виновен, затоа што во исто време е премиер, обвинител и судија. Виновен е затоа што е главен рекетар, главен забавувач кога се во прашање гафовите и трговец со виталните органи на нашата Македонија. Не му е тешко да украде, да изгуби, да се осрамоти, но не му барајте да биде чесен, затоа што е нечесен, а и најлесно му е да не ја говори вистината да излаже. Тој и пука право во чело на правдата со умисла и без каење“, рече Мицкоски.