Македонија го празнува Денот на македонските и сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј

0
75

Македонија го празнува Денот на светите Кирил и Методиј, но годинава поради епидемијата државна делегација не замина на чествувањето во Ватикан.

Корона кризата го промени вообичаеното чествување на денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј. Претседателот Пендаровски ја откажа посетата на македонската државна делегација која што требаше да ја предводи во Рим и Ватикан.

Шефот на државата упати честитка за денот на словенските апостоли кои ни оставија азбука, книги, но и животопис исполнет со давање и трпение.

,,И по повеќе од 11 векови од нивното земско битисување делото на Кирил и Методиј е се уште живо. Празниците во последниве месеци ги одбележуваме поразлично од изминатите години, соочени со предизвикот и опасноста од корона-вирусот. Да не дозволиме да не обземат стравот и малодушноста, да истраеме и опстоиме како одговорни и солидарни граѓани, стои во честитката на претседателот.

Делото на светите браќа Кирил и Методиј е најголемата цивилизациска придобивка за словенските народи вели во честитката премиерот Оливер Спасовски, а претседателот на Собранието Талат Џафери наведува дека светите браќа овозможиле голем историски напредок и изградиле цела култура која и денес живее и се развива.

Со честитки се огласија и партиските лидери. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски порача дека Македонците и светот им се благодарни на македонските просветители Св. Кирил и Методиј. Нашиот јазик е нашата татковина, велеше Блаже Коневски, а нашето писмо е светлината со која се издигнуваме и културно развивамеи наше идентитетско обележје и доказ дека постоиме. Не смееме да дозволиме тргување со нашиот идентитет, напиша Мицкоски.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев во честитката вели дека во чест на Светите Кирил и Методиј стотици милиони луѓе ширум светот пишуваат на писмо именувано како кирилица, за чие ширење е најзаслужен нивниот најпознат ученик, Свети Климент Охридски, основоположникот на Охридската книжевна школа, напиша Заев.

Поради пандемијата на Ковид – 19, како и фактот дека Република Италија е една од земјите кои беа најпогодени од вирусот, кабинетите на претседателот Стево Пендаровски и претседателот на Република Бугарија, Румен Радев со која веќе неколку години заедно оддаваме почит на 24 Mај, положувајќи цвеќе кај базиликата „Санта Маџоре“ како и на гробот на свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим и Ватикан,донесоа одлука дека одбележувањето ќе го поместат во втората половина на 2020 година кога условите тоа ќе го овозможат, на соодветен ден и датум.