Репортери без граници: Повеќе целно убиени новинари

0
71

Беше тоа само кус видео-разговор на платформата Зум, а Наџиб Шарифи, шеф на невладината организација за заштита на новинари „Afghan Journalists Safety Comitee“, делува исцрпено. Вели дека изминатите недели биле напорни. „Мислам дека никогаш порано состојбата не била толку застрашувачка како сега. Бидејќи, се чини оти сите новинарки и новинари се во опасност“, вели Шарифи. „Во само 6 недели загубивме четвири новинарки и новинари.“

Шарифи не е единствениот кој стравува. 2020 година беше смртосна година за новинарките и новинарите ширум светот, како што заклучува организацијата „Репортери без граници“ во својот годишен биланс. Веќе во средината на декември оваа организација во првиот дел од годишниот баланс извести за уапсени, киднапирани и исчезнати новинарки и новинари. Во вториот дел од балансот станува збор за убиени медиумски работници.

Со околу 50 убиени новинари бројката е малку помала од пред една година, но „Репортери без граници“ се пред сѐ загрижени поради целните убиства. На пример, во ноември во Авганистан, во бомбашки напад на неговиот автомобил, страдаше новинарот Мохамад Алијас Даџи од радиото Асади, авганистанска програма на американското радио Слободна Европа. Пред околу две недели, исто така во Авганистан, целно е убиена новинарката Малала Мајванд која, исто така, се залагаше за подобра заштита на жените кои работат во медиумите. Мајванд беше една од двете новинарки кои се убиени во 2020 година. А со погубувањето на Рухолах Сам во Иран, на 12 декември, за првпат во изминатите 30 години е извршена смртна казна над еден новинар.

Бројката на целно убиени новинари е застрашувачки висока, во 2020 година целно се убиени 42. Тоа се над 20 отсто повеќе од 2019 година.

Божемен мир

Притоа, веќе не станува збор само за воени и кризни подрачја во кои во прв ред умираат новинарите. Во 2020 година речиси 7 од 10 (68 отсто) новинари и новинарки страдаа во земјите во кои официјално владее мир. За споредба, во 2016 година тоа беше 40 насто. Во овие земји спаѓаат, на пример, Мексико и Индија, двете од петте најопасни земји за новинарите. Во двете земји годинава се забележани сурови убиства. Новинарите беа живи запалени, искасапени и им беа отсечени главите. Многумина од убиените извршуваа истражувачка работа, работеа на чувствителни теми како корупција и организиран криминал. Но, и работата на теми кои се однесуваат на заштита на околината, како илегално рударство, ги доведоа новинарите во опасност. Но, често нивните убиства остануваат неказнети. На пример, во Хондурас се убиени тројца новинари, а во ниту еден случај не беа започнати сериозни истраги, наведуваат „Репортери без граници“.

-„Репортери без граници“: Новинарите под притисок ширум светот

„Во премногу земји за новинарките и новинарите е опасно по живот да известуваат за корупција, мафија или за уништување на околината“, вели Михаел Редиске од „Репортери без граници“. Во земјите како Мексико, Ирак или Пакистан моќни криминалци, екстремистички групи и во дел корумпирани политичари сѐ уште сметаат на тоа дека за таквите злосторства ќе поминат неказнети. Тие злосторства никогаш не се насочени директно кон жртвите. Секое убиство на една новинарка или новинар е напад на правото на сите луѓе да се информираат слободно и независно“, вели тој

Роднините на новинарката Луис Алмендарес во Хондурас тагуваат по нејзиното убиство

За Наџиб Шарифи од „Afghan Journalists Committee“ и неговите колешки и колеги голем проблем е тоа што често не можат да ги именуваат сторителите. Во минатото, вели тој, секогаш од почеток зад тие напади стоеја талибанците или т.н. Исламска држава (ИД), но од мировните преговори талибанците често се дистанцираат од нападите. „ИД презеде одговорност за неколку злосторства, но сето тоа е многу нејасно“, вели Шарифи.

Коронавирусот како дополнителна опасност

Оваа година се појави дополнителна опасност за новинарите ширум светот: коронавирусот. Уште во првиот дел од годишниот биланс „Репортери без граници“ упатуваат на случаи во кои новинарите беа уапсени поради критичко известување за мерките против коронавирусот. Дел од нив затворот ги чинеше живот

Стотици новинари ширум светот починаа откако заболеа од Ковид-19, но не може недвосмислено да се докаже дали се заразиле во приватно опкружување, или додека работеле. Во три случаи, „Репортери без граници“ смета дека е „прилично сигурно“ оти новинарите починале затоа што биле уапсени поради нивната работа и потоа веројатно се инфицирале од вирусот во затвор. Тука се вбројуваат Мохамед Монир, затворен во Египет и Салех ал-Шехи, кој работеше за дневниот весник Ал Ватан во Саудиска Арабија.