Клус: Северна Македонија и Албанија истовремено да почнат преговори, за побрзо да бидат дел од ЕУ

0
22

Прашањето за менување на границите е многу лоша и опасна идеја што воопшто не треба да се става на маса, изјави словачкиот заменик-министер за надворешни работи, Мартин Клус, осврнувајќи се на нон-пејперот, за кој рече дека е добро што нема автор. Клус кој присуствуваше на донација на респиратори за Детската клиника, порача дека солидарноста на Словачка ја покажува поддршката за С. Македонија во секој сегмент, во справување со ковид-пандемијата, но и во евроинтегративниот процес.

„Добро е што не се знае авторот на нон-пејперот , бидејќи е многу опасна идеја. Веруваме дека треба да се фокусираме на позитивна агенда, а не на историски, јазични и билатерални прашања кога зборуваме за евроинтегративниот процес. Словачка е голем поддржувач на проширувањето на ЕУ, бидејќи не е само за овој регион, туку за нас. Будење на духовите од минатото, вклучувајќи промени на границите, не треба воопшто да се става на маса“,

изјави Клус.

Клус потенцира и дека Северна Македонија и Албанија треба заедно да почнат преговори со ЕУ.

„Полесно е за двете држави и за нас, бидејќи полесно делиме искуства, вклучувајќи ги нашите во Словачка кои не се само позитивни. И верувам дека ако двете земји заедно почнат преговори, ќе ги видиме во ЕУ што поскоро. Ова е наша стратешка цел“,

додаде Клус.

Вицепремиерот Никола Димитров рече дека нема гаранции дека земјава ќе ги почне преговорите со ЕУ во јуни, но според него има посветеност во Лисабон од страна на португалското претседателство и треба да се искористат сите шанси.

„Се разбира ние имаме многу што да изгубиме ако повторно нема почеток на преговорите и нема успех. Меѓутоа мислам дека и Бугарија има многу што да изгуби, бидејќи ја пропуштаме приликата и таа треба да ја вратиме, да имаме вистинско блиско партнерство и соработка. Тоа не оди и не е компатибилно со блокирање на процесот со политиката на вето. Ќе изгуби многу и ЕУ. Ќе биде многу тешко зоборовите на ЕУ да бидат третирани со доверба и сериозност, не само кај нас, во целиот регион“

порача Димитров.

Извор 360°