Претседателот на Чад, Идрис Деби, им подлегна на повредите добиени на линијата на судирите

0
14

Претседателот на Чад, шеесет и осумгодишниот Идрис Деби, им подлегна на повредите добиени на линијата на судирите со бунтовниците, по еден ден откако обезбеди шести мандат на функцијата, соопшти Војската, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Со голема горчина го известуваме народот на Чад за смртта на маршалот од Чад овој вторник, 20 април“, се наведува во соопштението на портпаролот на Војската, генералот Азем Бермандо Агун, во кое е употребен францускиот назив на земјата.

Како што се додава во соопштението, претседателот на Републиката, шеф на државата и врховен командант на Вооружените сили, Идрис Деби, починал во одбрана на територијалниот интегритет на бојното поле.

Неговата смрт е објавена по еден ден откако тој официјално обезбеди шести мандат за функцијата претседател, со 79,3 отсто од добиените гласови на изборите одржани на 11 април.

Војската на Чад во неделата вечерта објави дека убила повеќе од 300 бунтовници во северниот дел на земјата.

„Бунтовниците беа од Фронтот за промена и слога во Чад (FACT)“, додаде Војската во соопштението. Борбите започнаа по еден ден од претседателските избори на 11 април.

Во саботата, американскиот Стејт департмент нареди заминување на службениците на американската Влада, кои не се неопходни, од Амбасадата на САД во главниот град Нџамена, плашејќи се од политички немири и насилства.

Сахелската земја без излез на море во Централна Африка, во текот на последната деценија се бори со безбедносните предизвици поврзани со судирите во пограничните земји, како и со влијанието на климатските промени.