Хотелиерите одлучија, за Србите 20% попуст

0
25

Хотелите на охридско-струшката ривиера од мај до октомври ќе нудат поевтини аранжмани за српските туристи и до 20%, во зависност од периодот на престој. Целта е да се насочат наместо на грчкото крајбрежје, да летуваат покрај Охридското езеро или пак оние кои што сепак ќе го поминат летниот одмор во Грција, на враќање да останат неколку дена во земјава.

„По човек дневно, полупансион можат да добијат од 25 евра со појадок и вечера во хотел со 4 ѕвезди. Некои хотели кои се со повисока категорија, можеби ќе бидат за 2-3 евра плус…“, рече Крсте Блажески-претседател на ХОТАМ.

Идејата за попуст досега ја прифатиле 90% од хотелите на ривиерата.

„Се работи на посебни пакети кои ќе бидат дадени на домашни и агенции од Србија. Очекуваме дека ќе има еден добар прилив на тие гости од тој регион…“, додава Блажевски.

Хотелиерите велат дека со оваа иницијатива сакале да се надоврзат на размислувањето на Владата за бесплатни патарини за српските граѓани во знак на благодарност за бесплатната вакцинација. За истата цел, од државната Агенција за поддршка и промоција на туризмот, имаат и дополнителни предлози до Владата во однос на Србија.

Љупчо Јаневски, Директор на Агенција за поддршка и промоција на туризмот:

Бесплатни влезници за сите музеи
Бесплатен паркинг во сите градови
Попуст во сите угостителски објекти
Попуст во сместувачките капацитети
Брз трансвер на граничните премини

Но, од ХОТАМ размислуваат слични пакети да им се понудат и на гостите од останатите соседни земји, Албанија, Косово и Црна Гора и Бугарија. Од нив ова лето заедно со домашните гости, очекуваат најмногу, затоа што најголем дел од аранжманите со гостите од Западна Европа се повторно откажани или се ставени на чекање.