На Исланд со години тестирале четиридневна работна недела, резултатите се одлични

0
17

На Исланд, од 2015 до 2019 година, тестирале четиридневна работна недела, односно работниците земале иста плата за помал број работни часови

Сега резултатите се објавени и покажуваат дека експериментот бил „исклучително успешен“ и многу работници преминале на скратено работно време, пишува Би-Би-Си.

Продуктивноста останала иста или зголемена на повеќето работни места за време на експериментот, велат истражувачите.

Слични тестови сега се спроведуваат низ целиот свет, вклучувајќи ги Шпанија и Нов Зеланд.

На Исланд, повеќе од 2.500 работници учествувале во експерименталната четиридневна работна недела, што претставува околу 1% од популацијата на работоспособното население на Исланд. Сè се одвивало под покровителство на Градскиот совет на Рејкјавик и националната влада.

Многу работници преминале од 40-часовна работна недела во 35 или 36-часовна недела, велат истражувачите од британскиот тинк-тенк Автономија и Здружението за одржлива демократија (Алда) на Исланд.

Засега, 86% од работната сила во Исланд или се префрлиле на работа со скратено работно време за иста плата или допрва ќе се стекнат со право на тоа, велат истражувачите.

Работниците изјавиле дека биле под помал стрес, а тврдат и дека се чувствуваат поздраво, како и дека имаат подобра рамнотежа меѓу деловниот и приватниот живот.

„Оваа студија покажува дека најголемиот светски експеримент со скратено работно време во јавниот сектор е неверојатно успешен “, рече Вил Стронге, директор за истражување во Автономија.

„Тоа покажува дека јавниот сектор е зрел да биде пионер на работата со скратено работно време и ова може да биде лекција од која другите влади можат да научат нешто“, рече Стронге.

„Ова ни покажува не само дека во модерната ера е можно помалку да се работи, туку и дека се можни прогресивни промени“, рече Гудмундур Д. Харалдсон, истражувач на Алда.

Шпанија, исто така, експериментира со четиридневна работна недела за одделни компании, делумно поради пандемијата на коронавирус.

Унилевер, британско-холандска компанија која произведува стока за широка потрошувачка, им дозволила на работниците во Нов Зеланд да го намалат работното време за 20%, а истовремено да ги задржат истите плати.