Османи: немаме добри вести од Бугарија, но комуникацијата мора да ја одржуваме во „живот“

0
20

Не се охрабрувачки вестите кои доаѓаат од Бугарија, но комуникацијата мора да ја одржуваме во живот, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи за неможноста во Софија да се формира политичка влада што претставува кочница за преговорите со Македонија и барањето решение за спорот.

Османи признава дека очигледно треба да има политичка влада за да се надмине спорот. Следна шанса за европерспективата за земјава е на Самитот на ЕУ во октомври, но се ќе зависи дали ќе се формираат институции во Бугарија, вели шефот на дипломатијата.

– Јас цело време бев на ставот дека политичка влада не е неопходна, бидејќи политичката одлука беше донесена лани во март и првата одлука во март веќе е донесена и првата меѓувладина конференција требаше да биде само техничко исполнување. Но, тоа очигледно се покажа како неможно. Ситуацијата во Бугарија е таква да одлуката не може да се донесе без политички институции. Иако вестите не се охрабрувачки, ние ќе продолжиме да комуницираме и да убедуваме дека регионот не смее да биде заложник на внатрешно-политичките околности во која било земја членка“, рече Османи.

Дел од аналитичарите оценуваат оти политичкиот заплет во Софија ќе биде и тоа како сериозна пречка за европскиот пат на Македонија, а нас не ни останува ништо друго освен да чекаме. Поранешниот амбасадор Нано Ружин не е оптимист дека ќе се надмине прашањето со Бугарија до крајот на годинава.

Како голем придонес за нашата европерспектива министерот Османи на денешната прес-конференција ги посочи 100 придружувања кои земјава ги испорачала изминатава година кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Со тоа, стапката на придружување е порасната на над 95% што е покачување од три процентни поени споредно со последниот извештај на Европската комисија.