Ситуацијата во Авганистан драматична, стотина нашинци се уште се во Кабул

0
20

Талибанците тропнаа на вратите на престолнината Кабул, последниот голем град кој што го бранат авганистанските воени сили.  Она што дополнително загрижува е дека во главниот град има Македонци.

Еден од стотината македонски државјани кои се уште се наоѓаат во главниот авганистански град, а кој поради договорот со компанијата за која работи не можеше да говори со име и презиме, за Канал 5 вели дека нашинците таму засега се чувствуваат сигурно, но стравуваат дека ситуацијата може значително да се влоши. Поголемиот дел се вработени во американски фирми кои што имаат план за евакуација. Уверени се дека за месец дена, кога им истекуваат договорите за работа, безбедно ќе се вратат дома.

Од МНР велат дека во последниве 24 часа имале повици од страна на граѓани чии што роднини или пријатели се во Авганистан, но потенцираат дека не е побарана асистенција од министерството за извлекување од државата.

-Според последните сознанија околу 100 наши граѓани се идентификувани дека се се уште присутни во Авганистан и сега за сега се наоѓаат на безбедни локации. Според последните информации кои ги добивме, компаниите кои ги ангажираат работниците не се соочуваат со потешкотии и и имаат резервирано сопствени летови за евакуација на нивните работници, велат од МНР.

Талибанците денеска објавија дека ја контролираат целата територија на Авганистан, Преговори за мирен трансфер на власта се водат во претседателската палата во Кабул.

-Нашите сили не влегоа во Кабул, а и нема тоа да го направат. Посветени сме на преговорите и чекаме мирен трансфер на власта во главниот град на Авганистан. Предвидено е постигнување на посебен договор кој што ќе овозможи сигурност во градот, за да се заштитат имотите. Во моментов нема борби, но ако не нападнат авганистанските сили, ние ќе одговориме, вели Сухаил Шахин- гласник на талибанците

Владата во Кабул е подготвена за мирен трансфер на власта и повлекување од позицијата за да не дојде до крвопролевање во главниот град, да се заштитат цивилите и нивните домови.

Меѓународната заедница будно и со загриженост ја следи состојба во Авганистан. Британскиот премиер Џонсон го свика парламентот поради влошената ситуација, а претседателот на САД, Џо Бајден, реши да испрати околу 5.000 американски војници за да се овозможи безбедна евакуација американски дипломати и авганистански цивили.