Млекото од петок на граница до понеделник ќе стане јогурт – лидерите од „Отворен Балкан“ повикаа на конкретни чекори

0
20

Регионалната соработка е мудар избор, прав избор и европски избор. Немаме дилема во изборот ако на едната страна имаме опција да правиме проблем, а од другата страна имаме решенија, порача вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров на состанокот на лидерите на земјите од иницијативата „Отворен Балкан“ што се одржува во Белград.

Тој кажа дека долгорочната визија за стабилен и победнички Балкан е каде што границите се од помало значење, па дури и никакво значење. Според него оваа иницијатива значајно придонесува за Балкан без граници.

-Да ги надминеме трговските пречки, што повеќе соработуваме, толку повеќе ќе ја убедиме ЕУ дека нема да увеземе проблеми. Македонска компанија која увезува од Србија, а потоа извезува за Србија губи три недели, чекајќи дозволи од националните агенции и нивните лаборатории, иако меѓу двете земји има договор некој прехранбен производ да може да има дозвола само од една од лабораториите, дали српската или македонската. Се надевам оваа политичка волја ќе се преточи во законодавни решенија и ќе се фокусираме на имплементацијата. Се надевам во декември на состанокот во Тирана ќе обелодениме голем број победи, а после тие победи ќе бидеме поатрактивни и за приклучување од другите земји од регионот. Што сме пооодлучни за исчекор толку оваа иницијатива ќе биде попривлечна. На тој начин другите земји ќе немаат резерви, бидејќи оваа соработка не се коси со европските интеграции, кажа Димитров.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ кажа дека бил одржан сериозен состанок со претставници на стопанските комори од трите земји и сите тие се стопроцентно вклучени во оваа иницијатива и ќе имаат голема корист, но, како што вели, фрустрирачки е она што ќе го договориме да не можеме до крај да го исполниме. Тој додаде дека оваа иницијатива не е направена заради Вучиќ, Заев, Димитров или Рама, туку е направена заради луѓето што живеат во Суботица, Велес, Саранда.

-Договоривме формирање Совет за имплементација. Во наредниве десет дена ќе имаат состаноци претставници од Царина, фитосанитарните инспекции и други институции, за да видиме како се одвива слободната трговија со производи, а се збооруваше веќе и за трговијата со услуги. Имавме случај кога стопанственик со сирово млеко во петок вечер од Србија и патува во Северна Македонија ќе мора да чека на граница до понеделник наутро. Тоа е недозволиво. Исто и со овошјето од Северна Македонија за фабриките во Србија. Се чека на нашата граница меѓу 20 и 30 часови. Ова не смее да се случува и ќе работиме и сабота и недела. Потпишани ни се сите документи, кажа Вучиќ.

Тој додаде дека за година до година и половина ќе се патува без граници во трите земји и најави зајакната борба за поголем економски раст.

-Имаме недостатоци за кои денеска зборувавме, претежно бирократски, кои уште денеска ги решаваме. Ќе имаме состанок во Тирана после католичкиот Божиќ и таму веќе ќе треба да потпишеме договор за единствена работна дозвола за трите земји, тврди српскиот претседател.

Албанскиот премиер Еди Рама истакна дека денешниот состанок бил посветен на самите граѓани, кои се директни корисници на „Отворен Балкан“.

-Црвените линии на агенциите, нивните контроли и така натака навистина претставуваат пречка. Суштината на оваа иницијатива е како нашите економии да растат. Тие се мали, но ако се интегрираат, тие пазари се претвораат во навистина важен пазар, со директно влијание врз странските инвестиции во регионот. Еве Србија ќе ја земам како пример, бидејќи направи исчекор во инвестициите. Што поголем е пазарот ќе можеме да привлечеме повеќе инвестиции и преку поголемиот пазар ќе имаме додадена вредност. Стопанствениците едногласно дадоа поддршка на „Отворен Балкан“ и побараа она што политички ќе го договориме да се конкретизира на самите граници. Имаме извозници на границите кои тргуваат со свежо овошје и млеко и овие производи не смее со денови да седат на граница. Од понеделник до петок млекото ќе се претвори во јогурт, кажа Рама.

Според него ќе биде донесен и заеднички став кон ЕУ.

-Ја разбираме ситуацијата на ЕУ, но тие буквално Албанија и Северна Македонија ја блокираат, но ние нема да се повлечеме од заложбата да ги воведеме европските стандарди. Но, и ЕУ треба да направи нешто за да се приближи до земјите од регионот. Треба да гледаат на Западен Балкан исто како на дел од себе, како на регион кој исто така има предизвици со енергенсите, изјави Рама, додавајќи дека е позитивен растот на туристи од Србија во Албанија, за 63%, како и растот на туристи од Северна Македонија, за 20%.