Општина Гостивар ќе доделува стипендии за учениците со пречки во развојот и ретки болести

0
22

Учениците кои имаат некоја од ретките болести или пречки во развојот ќе добиваат месечен стипендија од Oпштина Гостивар. Иницијативата е дел од активностите кои локалната самоуправа ги планира во рамки на одбележувањето на месецот на лицата со ретки болести.

Предлогот на градоначалникот Арбен Таравари го поддржале и претставниците на политичките партии кои учествуваат во Советот на општината, каде оваа одлука треба да биде изгласана

Одбележувањето на месецот на лицата со ретки болести започна симболично со боење на дланки, во кое учествуваа вработени во администрацијата, советници.

Градоначалникот на прес-конференцијата по овој повод појасни дека досега се идентификувани околу 35 ученици, а деновиве ќе се заокружи списокот на сите кои ќе добиваат стипендии.

– Вчера имав неформална средба со претставници на сите политички партии во Советот на општина Гостивар за да се координираме околу начинот и активностите за одбележување на месецот на лицата со ретки болести. Решивме да ги стипендираме, таквите ученици во сите основните и средни училишта. Стипендиите ќе доделуваат месечно општина Гостивар. Иако немаме предвидено пари во општинскиот буџет за такво нешто, утврдивме дека постои можност. Со ребалансот на буџетот и одлука во советот за која добив уверување дека ќе биде поддржана, можеме да издвоиме сума во склад со буџетските можности. Засега тоа ќе биде скромна сума, но таа ќе расте и посакувам таа да продолжи, рече градоначалникот Таравари.

Иницијативата за одбележувањето на месецот на лицата со ретки болести ја иницира Јосиф Мишески гостиварец кој е единствениот во Македонија кој има „ихтиоза“.

Во рамки на месецот на лицата со ретки болести, деновиве, седиштето на општината ќе биде осветлено со соодветно светло, со што локалната самоуправа ќе се вклучи во давањето на поддршка.

Градоначалникот најави уште неколку активности со што, како што нагласи ќе се сензибилизираат граѓаните за потребите на оваа категорија луѓе.