Петков ги повика Бугарите да собираат пари за Украина да си купи оружје

0
36

Бугарскиот премиер Кирил Петков се обидува да најде начин како Бугарија воено да ѝ помогне на Украина, а при тоа да не биде вклучена неговата влада. Четричлената коалиција е длабоко поделена околу прашањето за воена помош на Киев и тоа може да доведе до распад на владата. Петков тоа прашање им го префрли на бугарските граѓани.

Петков започна кампања на Фејсбук за собирање средства на посебна сметка во Украина што ќе ја користи украинската влада за купување муниција. „Го повикувам секој бугарски граѓанин кој навистина сака да ѝ помогне на Украина да донира една плата како мене. Зборовите се лесни, работите се тешки, време е објавите на Фејсбук да станат средства за Украина. Државата е сите ние и секој мора да чувствува дека може да биде дел од одлуката“, рече тој.

Од неа не е јасно на чија сметка се собираат средствата и дали и каква улога има бугарската влада. Во својата објава, Петков зборуваше за „ресурс што треба да ѝ се обезбеди на украинската влада“.

Неговиот предлог доаѓа откако последниот работен ден пред празниците, прашањето за обезбедување оружје за Украина, предизвика нов шок во владејачката коалиција и реакција на јавноста.

Во објава на Фејсбук во понеделникот (25 април), Петков рече дека испраќањето воена помош за Украина бара политичко, но и општествено единство бидејќи во јавноста има многу различни ставови на оваа тема. „Додека не го постигнеме овој политички консензус, како граѓани на Бугарија кои веруваат дека никој во Европа нема право да ги напаѓа своите соседи и да убива цивили, ние сме слободни да избереме финансиски да ѝ помогнеме на Украина да купи муниција“, рече тој.

Тој истакна дека Германија, Франција, Италија, Полска, Холандија, Австрија, Грција, Шведска, Белгија, Финска, Данска, Романија, Норвешка, Хрватска, Чешка, Ирска, Литванија, Луксембург, Естонија, Словенија, Словачка, Кипар и Летонија веќе испратиле воена помош за Украина и тоа не доведе до објавување војна од страна на Русија против нив.

Иницијативата доаѓа во време на спор во владејачката коалиција околу тоа што Бугарија може да направи за да ѝ помогне на Украина. Дали со средства за заштита или со оружје и муниција. БСП, која се закани дека ќе ја напушти владејачката коалиција, се спротивстави на директната воена помош и таквиот предлог беше прифатен.

Денеска копретседателот на Демократска Бугарија Христо Иванов изјави за бугарското национално радио: „Ќе ја искористиме можноста што ја имаме – секоја прва среда во месецот да ставаме по една точка на дневен ред на парламентот. Ќе го ставиме нацртот одлуката на пленарната седница на 4 мај и ние ќе инсистираме точката да се гласа во верзија која се однесува на воена помош за Украина“.

Во парламентот има три предлози за одлуки – еден на Демократска Бугарија, еден на ГЕРБ и еден на ПП, кој се занимава со хуманитарна, финансиска и техничка помош.