Скопското обвинителство го повлече обвинението за случајот со смртта на девојчето Тамара Димовска

0
21

Обвинителството одлучи да не ги гони екс директорите на Фондот за здравствено осигурување за случајот со смртта на девојчето Тамара Димовска од Велес.

Денеска го повлече обвинението против тројцата обвинети, Маја Парнарџиева Змејкова и Џемали Мехази како директори на Фондот во тоа време и Елена Трпковска како претседател на управниот одбор кои ги товареше за злоупотреба на службената положба. За останатите деветмина обвинети доктори кои во тоа време беа членови на комисиите во Фондот и одлучуваа за лекувањата во странство исто така го преиначи делото. Наместо по кривичниот законик за несовесно работење во службата одлучи да ги товари за дело од член 86 – б став 2 во врска со став 1, но од Закон за здравствено осигурување. Со ова преиначување всушност делото застарува па на Кривичниот суд му останува само да донесе решение дека предметот се затвора.

Случајот предизвика огромно внимание во јавноста откако 8 годишното девојче почина во 2015 та година додека во меѓувреме се водеше процедура за да му биде одобрено операција во странство поради тоа што боледуваше од сколиоза. Домашните здравствени институции се изјаснија дека операцијата не може да се изведе во земјава па се чекаше одобрување за да се лекува на државна сметка во некоја од болниците во странство.

Кривичната пријава по смртта на Тамара Димовска ја поднесе Хелсиншкиот комитет за човекови права заедно со мајката Жаклина Димовска, а во неа беше опфатен и тогашниот Министер за здравство, Никола Тодоров. Обвинителството ја прифати пријавата против сите доктори и директорите освен против Тодоров. Процесот се водеше речиси пет години, а имаше и една осудителна пресуда за одвоеното судење на претседателката на управниот одбор Елена Трпковска.

Ја осуди условно една година затвор ако во рок од три години не стори ново кривично дело, но апелациониот суд наложи да се повтори процесот.

Сега обвинителот Анел Фидески од скопското обвинителство, токму кога процесот стигна до завршни зборови одлучи да го повлече дел од обвинението, а за дел да го преиначи со што случајот го затвори.

TELMA TV