Во Тетово се градат висококатници, па потоа се „планира“ каде ќе се движат и паркираат станарите

0
42

Висококатници во Тетово никнуваат како печурки. Голем број од нив без паркинг места, загушувајќи го и онака узурпираниот простор во градот, објави СП.  Нема каде да поминеме, ниту пешки ниту со автомобил, се жалат тетовци. Јавната инфраструктура која е планирана за 100 семејства, сега се користи за илјадници жители.

„Во моето мало каде што живеам на улицата „Борис Кидрич“ за неколку месеци започнаа да се градат неколку згради, а претходни три висококатници се направија. И претходно беше тука хаос, немаше каде да се помине и да се паркира, сега со новите згради каде ќе живеат речиси илјада семејства плус, ќе биде урбано лудило. Каде тие ќе се паркираат, каде луѓето ќе се движат и разминуваат, каков воздух ќе дишиме во овој мал простор, не знам како може општината да дава дозволи за вакви големи градби кога нема услови за тоа“, вели еден жител на Тетово.

Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами, тврди дека дозволите за градба ги дала претходната локална власт, без да го испланира јавниот простор и во истиот да инвестира. Тој денеска учествуваше на Работилница за урбано и транспортно планирање за целиот полошки регион, за кој треба да се изработи студија, која ќе даде предлози за надминуавње на проблемите со сообраќајниот и урбаниот хаос.

„Ќе се рагледаат можностите за подобра сообраќајна комуникација и подобро урбано планирање на средината. Ќе се подготви студија на основа на таа студија ќе се направат дупови и гупови. За жал ние сме наследиле ситуација каде приватните компаниии инвестирале пред да се обезбеди јавна инфраструктура за станарите. Затоа треба темелни студии, да се предвидат услови за движење и нормална комуникација на луѓето. Јавната инфраструктура е во интерес на приватниот капитал и тој ќе биде повеќе вреднуван, ако има добра ифраструктура. Размислуваме исто да има пешачка зона во Тетово. Јас би сакал центарот на градот да биде пешачка зона, но за тоа треба да одлучат граѓаните.Пешаците сакаат зона слободна, возачите сакаат покомотни сообраќајници, но за такви радикални чекори треба да одлучат сите граѓани, рече Касами.

На студијата која е наменета за целиот полошки регион работаат сообраќајни и градежни инжинери, како и странски експерти.

Таа има за цел да ги детектира сите недостатоци од аспект на сообраќајот и да даде предлози за нивно надминување.

„Покрај тоа што се води сметка за решавање на сообраќајниот хаос, најважно е да се смени начинот на планирање како сега така и во иднина. Треба да добиеме повеќе пешачки зони, тие треба да ни бидат на прво место потоа следуваат велосипедски патеки и ленти, потоа јавниот превоз, па потоа се останато , автомобили и слично.Целта на планот е да се дефинираат и пешачки зони на ниво на Тетово ,а за тоа се прават и дополнителни анализи. Од наша страна би анализирале како би се распределил сообраќајот кога би имало пешачка зона во Тетово. Се земаат во предвид и планските документи, со цел да се согледа бројот на жители кои би живееле во одредени делови од градот, кои се уште не се изградени, инфраструктурата која се планира да се гради, обиколницата се зема во предвид, сите инфраструктурни проекти се земаат во предвид како можни решенија за похумано живеење“, вели Дарко Спасеновски сообраќаен инжинер.

Студијата ќе има даде насоки на општините од полошко, како во иднина да ги планираат и да ги развиваат генералните и деталните урбанистички планови.