НАД 40.000 ЗАГИНАТИ ВО ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО ТУРЦИЈА И СИРИЈА – се помали шанси да се најдат преживеани

0
18

Секој ден се зголемува бројот на жртви од земјотресот во Турција и Сирија – според последните информации над 40.000. Речиси 100.000 луѓе се повредени. Земјотресот погоди 13 милиони луѓе, вклучувајќи околу седум милиони деца. Во потрагата и спасувањето учествуваат 235.000 луѓе.

Спасувачките екипи продолжуваат да ги пронаоѓаат и извлекуваат живите по земјотресите во Турција и Сирија. Скоро 20.000 преживеани се на болничко лекување. Во десет турски провинции, заедно со спасувачките напори, зградите се уриваат, а урнатините се расчистуваат, пренесува РТС.

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган изјави дека е неопходно да се воведат построги правила во изградбата на зградите.

Ердоган во телевизиски говор рече дека „урнатите згради ја потсетија владата на потребата од построги правила во градежништвото“.

Тој додаде дека неговата влада ќе продолжи да работи се додека не се извлечат последните преживеани од урнатините.

Во Сирија спасувачката организација „Бели шлемови“ се уште ги проверува урнатините, велат дека веќе нема знаци на живот и најавуваат крај на потрагата на северозападот на земјата.

Отворени се уште два гранични премини за минување на хуманитарна помош. Почна да пристигнува и помош во Дамаск – медицински материјали испратени од УНИЦЕФ и Светската здравствена организација.

Во Алепо уништувањето е катастрофално. Голем број луѓе немаат каде да одат. Зад нив се 12 години криза и овде повторно пустош