Кина ја менува својата позиција за руската инвазија

0
20

Кина, според се, до одреден степен ја менува својата политика во однос на руската инвазија.

Најнаселената земја досега беше воздржана кога станува збор за руската инвазија и на ниту еден начин не се мешаше во руските планови со Украина, но сега тоа се менува.

Ова стана јасно за време на тридневната државна посета на францускиот претседател, кој вчера пристигна во Кина.

„Руската агресија во Украина и нанесе удар на стабилноста. Знам дека можам да сметам на вас да ја вратите Русија на страната на разумот и сите страни на преговарачка маса“, му рекол Макрон на Си.

За време на посетата на Пекинг, францускиот претседател рече дека Кина може да „игра значајна улога“ на патот кон мирот во Украина и ја поздрави „подготвеноста и посветеноста на Кина за решавање на конфликтот“.

Кинескиот претседател се согласува дека нуклеарното оружје не треба да се користи за време на конфликтот во Украина, изјави францускиот претседател Емануел Макрон за време на посетата на Пекинг. Си Џинпинг рече дека сака мировните преговори да започнат што е можно поскоро и ја повика меѓународната заедница да не поддржува ескалација на кризата.

Покрај тоа, француски дипломатски извор изјави дека Си Џинпинг е подготвен да му се јави на украинскиот претседател Володимир Зеленски, но во согласност со неговиот сопствен распоред. Кина е подготвена да соработува со Франција за „силно да ги турка“ Русија и Украина кон почеток на разговори за ставање крај на конфликтот, објави Индекс.хр.

Ова е првиот показател дека Си може да одговори на поканата на украинскиот лидер да се сретне со него во Киев. Кинескиот претседател не разговарал со Зеленски од избувнувањето на војната, но тој минатиот месец отиде во Москва на средба со Владимир Путин.

Државните медиуми го цитираа претседателот Си дека политиката на Кина кон Украина може да се сумира во една реченица: „Промовирање на мирот и дијалогот“.

Но, ова не е се.

Внимание привлекоа и изјавите на кинескиот амбасадор во ЕУ, кој направи редок потег во последните 24 часа директно велејќи дека неговата земја не ја поддржува војната и не и дава оружје на Русија.

Амбасадорот Фу Чонг даде интервју за Њујорк Тајмс пред посетата на Макрон на Кина. Тој рече дека критичарите погрешно ги протолкувале односите на Кина со Русија, минимизирајќи ја минатогодишната заедничка изјава на рускиот и кинескиот претседател за „безграничното пријателство“ на двете земји што Си и Путин го потпишаа три недели пред почетокот на инвазијата.

„Без граници“ не е ништо повеќе од реторика“, рече Фу Чонг.

Тој исто така рече дека Кина не и доставува оружје на Русија и нема да го прави тоа во иднина.