Фрлена е рачна граната на општина Северна Митровица, оштетени се две возила

0
41

Уште еден инцидент има на Косово. Напад со рачна граната се случи синоќа врз објектот на општината во Северна Митровица.

Има само материјална штета, јави дописникот на МИА од Приштина. Оштетени се две службени возила на косовската полиција, потврди полицискиот портпарол Баки Кељани.

„Доцна синоќа непознат/и сторител/и извршија напад со експлозивно средство врз општина Северна Митровица. Врз основа на службените информации, постојат сомневања дека во дворот на општинскиот објект во Митровица, близу влезот на објектот е фрлено експлозивно средство, за кое се претпоставува дека е рачна граната, при што е причинета материјална штета врз полициски возила. Во консултација со надлежен обвинител покренат е случај за „извршување терористичко дело“, вели Кељани.

Косовските власти неодамна уапсија неколку Срби. Премиерот Албин Курти ја повика Србија „веднаш да престане со поттикнувањето на насилството пред некој да го загуби животот“.

Европската Унија вчера ја поздрави одлуката на српските власти да ги ослободат од притвор тројцата уапсени косовски полицајци и ги повика Приштина и Белград да преземат чекори за смирување на актуелната криза. Ако тоа не се случи ќе посегнат по соодветни финансиски и политички мерки.

Членките на ЕУ бараат да се прекине ескалацијата и да се одржат избори на северот на Косово со учество на косовските Срби. Косовските Срби ги бојкотираа локалните избори, а избраните градоначалници Албанци на северот ги сметаат за нелегитимни.