Илон Маск вели дека приходите од реклами на Твитер се намалени за 50 отсто, а готовинскиот тек е негативен

0
58

Илон Маск вчера објави дека социјалната мрежа Твитер, која ја купи за 44 милијарди долари во октомври минатата година, изгубила приближно половина од приходите од реклами.

„Сè уште сме во негативна финансиска состојба поради падот на приходите од реклами за околу 50 отсто и големиот долг“, напиша американскиот милијардер на Твитер како одговор на корисник на мрежата кој дава стратешки предлози за социјалната мрежа.

Маск рече дека Твитер треба да се врати во позитивно деловно опкружување пред „да го има луксузот да направи какви било промени“.

Промените кои Маск ги направи откако ја презеде контролата над Твитер предизвикаа незадоволство кај корисниците на мрежата, но и кај огласувачите.

Во мај, компанијата „Insider Intelligence“ соопшти дека очекува Твитер да заработи помалку од 3 милијарди долари во 2023 година, приближно една третина од она што го заработи во 2022 година.

Оттогаш, Маск објави повеќе информации кои не им се допаднаа на корисниците на мрежата, како онаа на почетокот на јули дека има намера да го ограничи читањето твитови на 10.000 дневно за верифицирани профили, односно оние кои плаќаат, на 1.000 за другите и дури и до 500 за нови сметки.

Неколку дена подоцна, тој објави дека апликацијата „TweetDeck“, во наредните месеци ќе биде резервирана само за верифицирани профили, односно корисници кои плаќаат.

Промените беа воведени во време кога апликацијата Тредс што ја лансираше Мета, матичната компанија на Facebook, како пандан на Твитер, ја премина границата од 100 милиони корисници за само пет дена по нејзиното лансирање на 5 јули.