Премиерот на Косово, Албин Курти, дојде за преименување на улица во општина Чаир

0
135

Во Косово имаме улици кои го носат името на Адем Демачи, но оваа во Чаир е особено важна, вели косовскиот премиер Албин Курти.

Тој попладнево во Општина Чаир присустуваше на преименувањето на улицата Втора македонска бригада во улица Адем Демачи, а со него беше домаќинот градоначалникот Висар Ганиу, лидерите на Беса и на Алтернатива, Биљал Касами и Африм Гаши и лидерот на партијата во формирање, Изет Меџити.

Косовскиот премиер Курти рече дека пред пред две недели е одбележана пет годишнината од смртта на Адем Демачи и нагласи дека „тоа што Демачи ќе има своја улица во Северна Македонија е од особено значење“.

Курти потсети дека Адем Демачи поради своите заложби и дејност во поранешна Југославија бил осуден вкупно на 28 години затвор, но дека сепак „останал нескротлив симбол за слободата на Албанците во Југославија“.

Улицата Втора македонска ударна бригада беше преименувана во Адем Демачи.

Демачи бил албански писател и политичар, кој своето образование го стекнал во Приштина, Скопје и Белград. Тој бил и раководител на политичкото крило на Ослободителна војска на Косово (ОВК), а потоа и политички активен во движењето Самоопределување на Албин Курти. Починал во 2018 година во Приштина.

Из Фактор.