СООБРАЌАЕН КОЛАПС ВО ТЕТОВО: ЗА ПОМИНАТИ 2 КИЛОМЕТРИ СЕ ВОЗИ ПОЛОВИНА ЧАС, БУЛЕВАРИТЕ 4 ДЕЦЕНИИ ЧЕКААТ ПРОБИВАЊЕ, АБЕР НЕМА ОД ИЗГРАДБА НА НОВИ УЛИЦИ

0
58
Фото: СП

Територијално Тетово е со мала површина, но ако возите автомобил низ градот особено во овој период од годината кога се дојдени печалбарите, ќе ви биде потребен околу еден час за да го поминете целиот град од влезот после тетовското село Порој сѐ до излезот кај Универзитетот на Југоисточна Европа, а се работи за само 4 километри пат.

Улиците се преоптоварени со возила, особено со странски регистарски таблички каде има и паркирани автомобили долж коловозот, што дополнително го закочува сообраќајот.

Градот под Шара е во сообраќаен колапс. Граѓаните бараат инвестиции во сообраќајната инфраструктура оти постојната нема капацитет да ги прифати возилата.

До секоја дестинација во градот се стигнува побрзо пеш отколку со возило. Но, граѓаните не се откажуваат од возилата, чиј број, според проценките, во тетовско моментално е над 60.000.

-Во Тетово секоја година е сѐ полоша состојбата со сообраќајниот хаос, но некако народов не се откажува од автомобилите. За секоја работа мора да запали возило, пеш никако не сака да оди. Треба и општината да обезбеди соодветна сообраќајна инфраструктура оти постојната не може да ги „издржи“ илјадниците возила низ улиците. Но, проблемот е и кај самите граѓани. Секој од нас треба да размисли „што можам позитивно да направам за градот“. Вака со возила се возат и вртат кругови, се прават гужви беспотребни – вели еден жител на Тетово.

-Многу е лоша состојбата со сообраќајот, нема доволно паркинг места, па возилата се паркираат каде ќе стигнат, па дури и тие паркинг места што ги има не се користат, не сака секој да плати дури ни 30 денари да се паркира – вели друг жител на Тетово.

Од СВР Тетово, велат дека во рамки на проектот „Безбедно лето“ се организираат разни активности за побезбеден сообраќај и понормален проток на возила.

„Полициски службеници контролираат низ повеќе точки во градот, особено на влезовите и излезите, пренасочувајќи го сообраќајот во услови кога улиците се блокирани. Граѓаните да внимаваат каде ги паркираат возилата оти низ гужвите низ градот кога имаме некоја обврска ќе излеземе можеби за еден час, но што со амбулантните и противпожарните возила кои брзаат за да стигнат до одредена дестинација за да спасат човечки живот“, изјави Фатмир Реџепи, портпарол на Секторот за внатрешни работи Тетово.

Тетово има 4 булевари од кои само еден е целосно завршен. Со години нема отворено нова сообраќајница иако сообраќајниот метеж е сѐ поголем, а целиот транзитен сообраќај поминува низ градот оти нема обиколница.

Досега само булеварот Маршал Тито е целосно изграден, останатите три, изградени пред неколку децении сѐ уште чекаат пробивање.

Извор СП