Османи: Косово е независна земја и така ќе биде додека Земјата се врти околу сонцето

0
39

Косово е слободна, независна, суверена и демократска република и така ќе биде додека Земјата се врти околу сонцето, порача на Советот за безбедност на ОН косовксата претседателка Вјоса Османи.

И покрај бројните жртви, одлучивме да се издигнеме од пепелта. Ние сме земја каде принципите на демократијата и владеењето на правото се главните основи. Земја која ја прошири соработката со Србија и учествува во дијалог кој мирно треба да ги реши нашите проблеми, рече Османи.

Тоа според неа е одлучено иако, како што рече, Србија не покажала ни жалење, ниту се извинила за злосторствата.

Според Османи, Србија работи на тоа да го врати регионот во деведесеттите.

Овде сум да кажам дека нема да го дозволиме тоа. Одиме напред, а не назад. Нема да дозволиме враќање во минатото, ниту загрозување на нашите достигнувања. Косово е најголемиот успех на демократијата и доказ што можат демократиите да направат кога заеднички ќе им се спротистават на автократски и геноцидни режими. Затоа ова не е само уште еден состанок на Советот на безбедност на ОН, истакна Османи.

Споменувајќи ги настаните во Бањска Османи рече дека тој ден Косово било под агресија на Србија.

Таа му оддаде почит на загинатиот полицаец Африм Буњаку и го нарече херој на Косово.

Според Османи, после 24 септември многу работи се промениле. Таа оцени дека Србија има константна определба да окупира територија, слично на анјектирањето на Крим. Османи додаде дека во текот на нападите, косовските институции биле во блиска комуникација со меѓународните институции и дека Косово продолжува да соработува со меѓународните партнери за да се спречат такви настани во иднина.

Она кое го чувме денеска од Србија е одбивање на деескалацијата. Сакаат да се прикажат како жртва на агресија а фактите го покажуваат спротивното. Тие терористички групи се обучени и финансирани од еден извор, Србија. Финансирањето на две терористички организации Цивилна заштита и Северна бригада доаѓа од властите на Србија. Тие се платени од Србија да ги напаѓаат косовските Срби. Обуката на тие терористички организации, истрагата покажува дека постои постојана воена обука во воените бази, рече Османи.

Додаде дека запленетото оружје било доволно за 400 луѓе.

Милан Радоичиќ кој призна дека го водел тој напад, е близок соработник на претседателот Вучиќ и тој и понатаму е слободен. Србија дури и прогласи ден на жалост за оние кои го убија полицаецот, рече Османи.

Оцени дека тоа што се случи е план за дестабилизација на целиот регион.

Одговорот на меѓународната заедница беше единствен и осудувачки за тој акт. Го пофалија делувањето на косовската полиција која има само една мисија а тоа е воспоставување на мирот и безбедноста во целата земја. Додека Вучиќ сака да ги скрие вистинските намери, неговото делување покажува дека сака повеќе територија. Тоа е загрижувачки, рече Османи.

Тврди дека српската влада цинично зборува оти 24 септември е одговор на Србите на притисок и терор.

Тоа е резултат на српската желба за повеќе територии. Косово е ваша татковина колку што е и моја, им порача на Србите.

Наведе дека уставот и законите предвидуваат силна заштита за Србите да користат свој јазик, кој има статус на официјален.

Додека ви зборувам за правата на Србите, во Прешевската долина се спроведува етничко чистење преку административни препреки, рече Османи.

Додаде дека Косово е одлучно во борбата против криминалот независно од националноста.

Косово беше симбол на страдањето а сега е симбол на успехот на Западен Балкан и пошироко, рече Османи.

Таа потсети дека Меѓународниот суд за правда укажа дека декларацијата за независност не е прекршување на меѓународното право.

Таа оценка ја бараше самата Србија, а сега ја негира, истакна Османи. Листата на непримерни договори од страна на Србија е толку долга, што ми требаат повеќе часови. Сакаме дијалог на фер и балансиран начин. Сакаме мир а Србија на 24 покажа дека сака војна. Нема да им дозволиме да ја добијат. Демократијата и слободата секогаш победуваат, рече Османи која обраќањето го започна со зборовите ,,дека зборува во име на илјадници силувани на Косово, бидејќи нивната приказна е приказната на Косово”.