Ковачевски: Нема отворање на поглавјата поради анти-европската и про-руска коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица

0
144

Зошто нема втора Меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија која ќе означеше отворање на преговарачките кластери за земјата?

„Поради домашна антиевропска, анти НАТО и проруска коалиција“ е одговорот на премиерот. Ковачевски, кој во Брисел присуствуваше на Самитот ЕУ-Западен Балкан, вината за овој нов неуспех на европскиот пат ја посочи во ВМРО-ДПМНЕ и во Левица, кои не застанаа зад процесот на уставни измени – условот за отворање на поглавјата.

Се потврди дека единствен кочничар на државата е анти-ЕУ, анти-НАТО и про-руската коалиција на ВМРО ДПМНЕ и ЛЕВИЦА.
Ковачевски, премиер на Северна Македонија
„Oваа работна посета на Брисел можеше да изгледа сосема поинаку. Можевме да дојдеме и победнички, гласно и јасно да кажеме дека ние продолжуваме со отворање на поглавјата од сите кластери од преговорите со ЕУ и дека го продолжуваме нашиот евроинтеграциски пат. Но, се потврди дека единствен кочничар на државата е анти-ЕУ, анти-НАТО и про-руската коалиција на ВМРО ДПМНЕ и ЛЕВИЦА. Нашите граѓани денес и конкретно можат да се уверат дека со овие политичари ќе бидат лишени од можноста забрзано да се приклучат на прогресивното европско семејство и можеа уште еднаш нашите граѓани да се уверат како изгледаше 2008 година. Тогаш беше во Букурешт, вчера и денес беше во Брисел.“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.

Опозицијата го тврди спротивното – дека неможноста на власта да се справи со корупцијата – сфера за која критикува и Брисел, но и Вашингтон, се причина за, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, поразот за Македонија.

Директно виновни се СДСМ и ДУИ.
Митева, ВМРО-ДПМНЕ
„Токму пресот за криминал и корупција е доволен показател кој е единствениот виновни, и ваквите обвинувања кои доаѓаат се само причина да се прикрие поразот кој што го има Македонија, а за тоа директно виновни се СДС и ДУИ.“, истакна Марија Митева од ВМРО- ДПМНЕ.

Позицијата на премиерот изнесена во Брисел е дека „залажувањето со лажен патриотизам и популизам довело до тоа Македонија во минатата да стане заробена држава“. Затоа, ги повика граѓаните сами да проценат кој за каква иднина и држава се бори.

„Ние политичарите имаме понекогаш тешка задача, но граѓаните ни ја даваат довербата затоа што ни веруваат дека ќе ги извадиме на вистинскиот пат, на патот на просперитетна иднина, подобар живот и квалитетен живот, безбедна земја и економски стабилна. Секое очекување за промени во однос на преговарачката рамка е самозалажување и залажување на граѓаните од кое никој нема корист.“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.

Унијата, во министерските заклучоци, повтори дека е подготвена да свика „Меѓувладина конференција со Северна Македонија, без какво било одлагање, веднаш штом земјата го заврши процесот на уставни измени во согласност со домашните процедури“, нешто што засега е малку веројатно не само поради противењето на опозицијата, туку и поради фактот што наскоро Македонија влегува во предизборен период – напролет ќе се одржат и претседателски и парламентарни избори.

Извор mk.voanews