Работник на ЈКП Тетово со инвалидска попреченост бил избркан од работа, а потоа вратен откако јавно се пожалил

0
238

Работникот на ЈКП Тетово Куртиш Имери за кого „Слободен печат“ пишуваше дека работи како инвалид без два прста на едната рака во лоши услови и без плата, синоќа од неговите претпоставени бил избркан со образложение дека не е способен да работи.

Имери револтиран се пожалил на социјалните мрежи и на еден портал на Албански јазик, при што надлежните во претпријатието се предомислиле и го вратиле, но не на старото работно место да подига смет од градот, туку да биде чувар во еден од секторите на комуналното претпријатие.

Имери не сакаше јавно да зборува, но го потврди случајот.

Од ДУИ обвинија дека работникот освен што добил отаз, тој бил малтретиран и дискриминиран од челниците на ЈКП Тетово. Работникот Куртиш Имери кој останал без прсти на работа добил отказ само затоа што не можел да работи тешки работи, додаваат од ДУИ.

„Наместо да им помогнат, од челниците на ЈКП, избраните од Билал Касами да ја водат оваа институција решија да малтретираат и дискриминираат со отпуштање на вреден, искрен човек кој има потреба од работа. Откако г. Имери ја објави снимката на социјалните мрежи, директорите го повикаа во канцелариите на ЈПК за да го замолчат да не зборува лошо против несовесните актери кои отпуштија лице со попреченост. Мобингот и уцените кои блиски до Билал Касами ги вршат кон работниците се без преседан. Ги повикуваме сите оние против кои се врши мобинг, да не се плашат, туку да ги пријават овие случаи, како Куртиш Имери, не само на социјалните мрежи, туку и во надлежните институции, бидејќи таквите актери кои вршат притисок врз чесните граѓани, заслужуваат да бидат изведени пред правдата и да ја добијат заслужената казна.Го повикуваме Обвинителството итно да го истражи случајот!,“изјави Лиридон Диша советник во Општина Тетово од редовите на ДУИ.

Засега од општинсктие власти не добивме никаков одговор поврзан со обвинувањата на Имери и ДУИ.

Инаку Куртиши Имери пред повеќе од една година остана без два прста од раката.
Несреќата се случила додека со камион на ЈКП Тетово, со колегите собирале смет од контејнерите. Машината за отпад во самото возило за миг му ги пресекла прстите.

Колегите го однеле на лекар, но морал се` приватно да плати, оти како и останатите 400 -ни вработените на ЈКП бил без здравствено осигурување.