Касами се договорил со Словенците кои фактурираа сметки да не наплаќаат комуналии за подруми, гаражи и штали

0
113

Со словенечката компанија Заубермахер која од минатиот месец започна да го собира и транспортира комуналниот смет, но и да ги фактурира сите комунални сметки, договорено е да не се наплатува за ѓубрарина и вода за објекти кои не се за станбено живеење како подруми, гаражи и штали, посочи денеска градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами

Прес конференцијата следува откако минатата недела на адреса на тетовци започнаа да пристигнуваат сметки за подруми, гаражи и други објекти кои не се ниту нивни.

„Во многуте вакви административни проблеми веќе дадовме насоки тие да се елиминираат и нема да се наплаќа за простории кои не се станбени и другите ситуации кои се појавија во однос на квадратурата ќе се решат. Се работи за податоци кои сме ги дале од катастар и разговаравме заеднички да работиме во делот на ажурирање на податоците. Што се однесува за ситуацијата кога имавме повеќе сметки за еден објект, односно сметките доаѓаат за ист објект, но на сите косопственици на тој објект, во тој случај еден од сопствениците ќе треба да дојде и даде изјава дека тој треба да ги покрие трошоците“, рече Касами.

Касами рече дека грешката е исправена, а регулурани се и недостатоците во однос на висината на комуналните сметки кои беа за двојно и тројно поголеми од претходните.

„За шарпланинските села цената за плаќање на отпадот ќе биде 340 денари, додека во Голема и Мала Речица, Порој, Џепчиште, Фалише и Сараќино цената ќе биде 540 денари.Што се однесува до цената на водата за пиење и канализацијата, цената по куќа ќе биде 320 денари, додека за оние кои живеат во стан 230 денари.За сите граѓани кои имаат повеќе од едно станбено живеалиште ќе плаќаат 50% од вселивиот простор и такса од 100 денари за вода и 100 денари за јавна чистота.Оваа методологија ќе важи и за исселениците. Исто така, за сите фактури за месец февруари ќе се избрише плаќањето на вода и канализација. Граѓаните ќе треба да платат само за отпад и јавна чистота“, рече Касами.