Тетовци кои имаат проблеми со комуналните сметки ќе можат да се пожалат и побараат помош лично кај Касами

0
158

Жителите на Тетово кои имаат одреден проблем со новите комунални сметки, ќе можат лично кај градоначалникот да се пожалат и да побараат решение. Таква можност најави денес Општина Тетово од каде ги повикаа граѓаните на средба со градоначалникот и другите општински функционери во петок 5 април од 10 часот во салата на Советот на Општина Тетово.

Ве известуваме дека градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, следната средба со граѓаните ќе ја има в петок во 10:00 часот во просториите на Салата на Советот на општината. Сите граѓани кои наишле на проблеми со фактурите за отпад и вода се добредојдени да поразговараат со првиот човек на општината, директорите на одговорните претпријатија, за да разберат повеќе за настанатата состојба и решавање на проблемот, се вели во повикот на Општина Тетово.

Од први февруари менаџирањето со отпад преку јавно-приватно партнерство го презеде компанијата Заубермахер, а голем број граѓани се пожалија на нелогичности и во новите комунални сметки како и за зголемените износи. По големиот број поплаки на граѓаните за новите комунални сметки, во понеделникот градоначалникот на Тетово, Биљал Касами информираше дека со компанијата Заубермахер се одржал состанок за да се надминат пропустите.

Тој најави фиксни износи за водата и канализација, додека за собирањето смет останува методологија да се плаќа по метар квадратен. За сите фактури за месец февруари ќе се избрише плаќањето на вода и канализација. Граѓаните ќе треба да платат само за отпад и јавна чистота.Тие што платиле вода и канализација ќе бидат во претплата, па ќе им се намали сметката наредниот месец, информираше Касами на прес-конференција.

За шарпланинските села цената на отпадот ќе биде 340 денари, додека во Голема и Мала Речица, Порој, Џепчиште, Фалише и Сараќино цената ќе биде 540 денари. Заводата за пиење и канализацијата, цената по куќа ќе биде 320 денари, додека за оние кои живеат во стан 230 денари. За сите граѓани кои имаат повеќе од едно станбено живеалиште ќе плаќаат 50% од вселивиот простор и такса од 100 денари за вода и 100 денари за јавна чистота.