ДЗР: Дури 65 отсто од нововработените во МЕПСО не ги исполнувале условите за вработување

0
34

АД МЕПСО Скопје остварува раст на приходите, но се соочува со сериозни слабости во управувањето со имотот, инвестициите и јавните средства, што директно влијае врз ефикасноста и развојот на електропреносниот систем. Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Операторот на електропреносниот систем на Република Северна Македонија, Акционерско друштво за пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем, во државна сопственост Скопје, (АД МЕПСО Скопје) за 2024 година.

Ревизорите утврдија дека, иако надлежните служби во континуитет преземаат активности за усогласување на работењето на друштвото со позитивните законски акти, утврдени се слабости во евиденцијата и регулирањето на сопственоста на електропреносната инфраструктура, вклучително и земјиштето. Дел од имотот нема уреден правен статус, a има и имот за кој нема точна сметководствена евиденција.

Преносната мрежа на АД МЕПСО Скопје интегрира 112 далекуводи, при што за 53 далекуводи запишано е правото на сопственост во Агенцијата за катастар на недвижности, додека за 59
далекуводи друштвото не располага со имотни листови . За овој имот отпочнати се постапки за утврдување на правниот статус, но истите се сложени и долготрајни поради големиот број локации и нерешените имотно-правни односи, а во одредени случаи не може да се утврди основот за стекнување на правото на сопственост.

Сѐ уште, постојат нерешени имотно-правни прашања во врска со 33 трафостаници кои се во заедничка сопственост на АД МЕПСО Скопје и ЕВН Македонија АД , при што за истите запишано е право на сосопственост само на ЕВН Македонија АД или се во постапка на запишување на права на сопственост/постапка на преземање.

Друштвото во повеќе наврати иницирало постапки за решавање на сопственоста на трафостаниците.

Во 2025 година формирана е заедничка работна група, која договорила процесот да се реализира во два фази, преку меѓусебен пренос на право на сосопственост (соодветен идеален дел) на трафостаниците запишани на име на секое од друштвата, додека за неизложените трафостаници утврдување на фактичката состојба и конечно уредување на сопственичките права продолжува.

Дополнително утврдено е дека со расположливите податоци во воспоставената сметководствена евиденција на далекуводите и трафостаниците (евидентирани се по делови, на различни сметки за градежни објекти, постројки и опрема и со неусогласени називи) не е можно да се потврди нивниот број и вредност. Оваа состојба влијае на висината на тарифата за пренос на електрична енергија, која се утврдува со одлука од страна на РКЕ, а врз основа на сметководствените податоци и финансиски евиденции доставени од страна на АД МЕПСО Скопје.

Материјалните средства во подготовка не се правилно признати и евидентирани, при што дел од нив се однесуваат на завршени проекти кои не се ставени во употреба (74.176 илјади денари или 1.202.200 евра), а за дел не може да се потврди нивната состојба, потреба и оправданост поради недостиг на документација (19.100 илјади денари). Поради ненавремено признавање на овие средства не бил пресметан и признат трошок за амортизација во претходниот и тековниот период, што влијание и на остварениот финансиски резултат од работењето.

Исто така, на остварениот резултат од работењето за 2024 година влијае и не искажаниот трошок по основ на расходувани средства со сегашна вредност од 16.386 илјади денари утврдени по попис, како и непресметаната амортизација на дел од ново набавените материјални средства и инвестициите со кои се зголемува корисниот век на употреба, капацитетот и функционалноста на средствата во вкупен износ од 16.419 илјади денари.

Ревизорите во извештајот обелоденуваат дека во изминатите тринаесет години АД МЕПСО реализира значајни инвестициски активности за изградба, реконструкција, ревитализација и модернизација на електропреносната мрежа, при што е утврдено дека степенот на нивна реализација се движи од 9% до 62% .

Кај 65% од нововработените лица (45) утврдени се неправилности во однос на исполнувањето на условите од јавниот оглас и актот за систематизација и распределбата на работните места, а кај дел од нив кратко по вработувањето е извршено прераспределување или унапредување.

Во 2024 година АД МЕПСО Скопје беше цел на сајбер напад кој предизвика привремена
недостапност на дел од ИТ системите и податоците, без притоа да биде нарушен преносотна електрична енергија. Настанот укажа на потребата од дополнително зајакнување на сајбербезбедноста преку технички и организациски мерки. Во извештајот ревизорите ја потенцираат потребата од санирање на оштетената фасада во 2020 и 2021 година, за чија реконструкција и адаптација во периодот од 2013 до 2018 година биле потрошени 547.058 илјади денари, односно приближно 8.866.400 евра .

Со ревизијата утврдени се и други состојби кои се однесуваат на извршениот попис, расходувани средства, пријавената кражба, реализацијата на Годишната инвестициона програма, начинот на финансирање на синдикалните организации при АД МЕПСО Скопје, отчетноста на ангажираните лица преку авторски договори, начинот на доделување спонзорства и донации и други состојби кои имаат влијание врз работењето на друштвото.