Ново истражување на пештерите во северозападната покраина Батамбанг, Камбоџа откри голем број видови кои се нови за науката, вклучувајќи тиркизна змија, летачка змија, неколку гекони, два микрополжави и две стоногалки – суштества што не се наоѓаат никаде на друго место на Земјата, пишува Си-ен-ен.
Јамската змија и три нови видови гекони сè уште чекаат официјални имиња и описи. Другите откритија беа формално признаени за време на истражувањето за биодиверзитетот кое опфати 64 пештери на 10 ридови помеѓу ноември 2023 и јули 2025 година, чии резултати беа објавени во извештај денес.
Секој рид и пештера во карпестиот карстен пејзаж на Камбоџа се изолирани една од друга. Тие функционираат како посебни „островски лаборатории“ на еволуцијата, со многу различни форми на живот прилагодени на нивните специфични живеалишта, според британската организација за зачувување „Фауна и флора“, која го водеше истражувањето заедно со камбоџанското Министерство за животна средина.
– Секое од овие места е како мала изложба на биодиверзитет, каде што природата независно го спроведува истиот експеримент одново и одново. Одиме на овие одделни локации, ја анализираме ДНК-та на видот и гледаме како се одвивал експериментот. Некои изгледаат слично, некои изгледаат различно, а со нивна анализа можеме да добиеме увид во движечките сили зад нивната еволуција – рекол еволутивниот биолог Ли Грисмер од Универзитетот Ла Сиера во Калифорнија, кој го поддржа истражувачкиот тим.
На пример, додека истражувачите идентификуваа еден вид гекон со пругасти, свиткани прсти, наречен „циртодактилус кампингпоинсис“, за време на нивната теренска работа во 2024 година, тие пронајдоа четири различни популации кои еволуирале на различни начини.
– Ако навистина сакаме да го зачуваме биодиверзитетот на планетата, треба да разбереме што има таму. Не можете да заштитите нешто за кое дури и не знаеме дека е таму – додал Гризмер.
Биологот Пабло Синовас, кој предводеше тим од „Фауна и флора“ во Камбоџа, опиша како тој и локалните истражувачи го поминале денот проучувајќи го теренот, а потоа ноќе правејќи го „забавниот дел“ барајќи суштества како змии и гекони.
Foto / freepik









