Речиси 1900 луѓе досега починаа од коронавирусот во Кина

0
78

Украина денеска планира да прати авион во Кина за да евакуира 49 свои државјани и 25 странци, додека Пекинг соопшти дека има 1886 потврдени ново заболени со коронавирус и 98 починати. Со овие последни бројки во Кина досега починаа речиси 1900 луѓе, а заболени се речиси 72 500 лица.

Во Киев украинскиот министер за здравство Виктор Лујашко вчера објави дека патниците ќе бидат земени од аеродромот во Вухан, епицентарот на вирусот, а дека само на луѓето кои немаат симптоми на заболувањето ќе им биде дозволено да се влезат во авионот.

Како и да е, додаде тој, по слетувањето во Украина тие ќе бидат во карантин 14 дена. Засега нема план за евакуација и на 25 украински патници кои се во карантин на патничкиот брод кој е стациониран во јапонското пристаниште Јокохама.