„Мајката е жена, таткото е маж“ – Унгарија донесе анти-ЛГБТ уставни промени

0
83

Унгарскиот парламент усвои сет на анти-ЛГБТ уставни измени преку кои во највисокиот акт во земјата се утврдија традиционални полови улоги во брачната заедница, како и забрана за посвојување од истополови партнери.

Преку една измена законодавците го дефинираа родителството како „мајката е жена, таткото е маж“ што доби поддршка од мнозинството пратеници, пренесе Еуроњуз. Во текстот се дефинира полот како единствен кој се добива со раѓањето и се додава: „Образованието се обезбедува во согласност со вредностите на уставниот идентитет и христијанската култура на земјата“.

Дополнително парламентот усвои закон со кој само двојките во брак можат да посвојат деца, што во пракса претставува забрана за геј лицата, кои во Унгарија не можат да стапат во брак. Законот дозволува исклучоци во посебни случаи.

И пред промените беше законски забрането промена на полот во земјата.

Владата на премиерот Виктор Орбан ги бранеше новите законски промени со образложение дека „треба да се заштитат децата од можни идеолошки и биолошки мешања од модерниот западен свет“.

Амнести Интернешнал ги осуди новите уставни и законски измени.

„Ова е црн ден за унгарската ЛГБТ+ заедница и црн ден за човековите права. Овие дискриминаторски, хомофобни и трансфобни нови закони кои беа брзо изгласани под превезот на пандемијата со коронавирусот, се последниот напад врз ЛГБТ+ луѓето од унгарските власти“, велат од организацијата за заштита на човековите права.

Во последниот период актуелна беше аферата со Јозеф Шајер, долгогодишниот европарламентарец од Унгарија кој беше фатен од полицијата при геј-секс забава во Брисел, што за опозицијата претставуваше лицемерие од страна на владата на Орбан.

Во минатото Унгарија беше осудена од меѓународните организации, како ОН, ЕУ, ОБСЕ и други, поради прекршување на европските вредности и човековите права.

RADIO MOF