Во Египет е откриен „Златен град“, стар над 3.000 години (ВИДЕО)

0
157

Познатиот египтолог Захи Хавас вчера го објави откривањето на „изгубениот златен град“ во близина на Луксор.

 

Американскиот египетолог Бетси Брајан од универзитетот Џон Хопкинс изјави дека откритието на 3.000 години стариот град, што досега бил покриен со песок, е едно од најважните археолошки наоди по гробот на Тутанкамон.

Станува збор за Атен, најголемиот древен град досега откриен во Египет, пишува Би-Би-Си. Ископувањето на ова место започнало во септември 2020 година. Градот потекнува од времето на владеењето на Аменхотеп III, еден од најмоќните египетски фараони, кој владеел од 1391 до 1353 година п.н.е.

Потоа градот го користеле фараоните Аи и Тутанкамон, чијшто речиси недопрен гроб бил откриен во 1922 година од британскиот археолог Хауард Картер.

„Откривањето на овој изгубен град е второто најважно археолошко откритие по гробот на Тутанкамон“, рече Бетси Брајан, додавајќи дека Атен „ќе обезбеди редок увид во животот на древните Египќани“ од периодот кога империјата била најбогата.

 

 

Досега се пронајдени голем број вредни археолошки наоди, како накит, обоена керамика, амајлии од скарабеи и тули од кал со печатите на Аменхотеп III.

Археолозите започнале со ископувања во септември 2020 година на западниот брег на Луксор близу долината на кралевите, околу 500 км јужно од Каиро.

„Наскоро откривме добро сочуван голем град, со скоро целосни sидови и простории исполнети со прибор за секојдневен живот“, рече Хавас.

Седум месеци откако започнале ископувањата, биле откриени неколку делови од градот, вклучувајќи пекара, административен дел и станбени населби.

Хавас рече дека многу „странски истражувачи го барале овој град и никогаш не го пронашле“. Тој додаде дека неговиот тим верува дека за време на понатамошните ископувања ќе откријат недопрени гробници исполнети со богатство.

Аменхотеп III. ја наследил империјата која се протегала од Еуфрат во денешен Ирак до Сирија и Судан. Починал околу 1354 година п.н.е.

Тој владеел скоро четири децении и бил познат по грандиозните згради и споменици, вклучувајќи ги и колосите на Мнемон, две џиновски монолитни фигури на тронот што ги претставуваа него и неговата сопруга.