Д-р Даниловски: Пикот може да се очекува за две недели

0
21

Епидемиологот д-р Драган Даниловски, смета дека врвот на третиот бран може да го очекуваме за две недели, некаде кон средината на април.

Но, како што рече д-р Даниловски во вестите на Канал 5, за да стигнеме до пикот имало период на качување. Сега треба да очекуваме уште еден толкав период на симнување, значи уште пет-шест недели.

Смета дека полицискиот час од 22 часот дал резултати, затоа што без него кој знае колкав ќе беше бројот на заразени и починати.

„Се намалија социјалните контакти и се спречи ширењето на вирусот“, вели Даниловски.

Тој вели дека здравствените власти постојано информираат дека здравствениот систем не е под толкав притисок и дека има слободни кревети. Но, како што вели докторот, што е со медицинскиот персонал, и здравствено и емотивно тие се истоштени, а се истите кои постојано работат.

Даниловски смета дека нашиот народ живее нездраво и дека токму затоа Ковид-19 зема толку жртви.

„Тие се затвораат по кафеани, на домашни седенки, во обложувалници. Не се движат надвор, на свеж воздух. Повеќето се пушачи, нездраво се хранат и тоа се фактори придонесуваат болестите да имаат потешка слика“, вели д-р Даниловски за Канал 5.