Камчев префрлен во друга просторија во затворот откако тим на народниот правобранител утврдил нехуман и нечовечки третман

0
19

Народниот правобранител Насер Зибери, односно негов тим, го посетил бизнисменот Орце Камчев во притворското одделение во затворот во Шутка. Причината поради која народниот правобранител го посетил е жалбата од неговите адвокати дека Камчев трпи нехуман и нечовечки третман.

Од канцеларијата на Омбудсманот за ТВ21 потврдија дека го посетиле Камчев и велат дека сите неправилности биле исправени потоа, односно бизнисменот бил префрлен во друга просторија во која имало вода, што не било случај претходно.

Директорот на затворот Шутка негира дека врз Камчев има нехуман третман. Сепак, неговите адвокати велат дека подготвуваат и апликација до Стразбур, односно до Европскиот суд за човекови права, каде наводно веќе е испратен извештајот кој го подготвил тимот на Зибери. Од управата за извршување на санкции велат дека Камчев ги добива истите услови и третман, како и сите останати затвореници.

Бизнисменот Орце Камчев е еден од петмината притворени во случајот на СЈО „Империја“. Кон средината на месец март судот му определи мерка притвор во траење од 30 дена на барање на обвинителството, кое барањето го образложи дека добиле информации дека Камчев се подготвува за бегство од државата.