МИЦКОСКИ НА БИФИНГ ОБВИНИ ДЕКА ВИЦЕ ЗАЕВ ИЗНУДУВАЛ 250.000 ЕВРА ОД БИТОЛСКА ФИРМА

0
25

Васко Ковачевски барал 250 илјади евра рекет од битолската фирма Рубитон која добила тендер за ископ на јаглен, сума која во кеш било договарано да ја земе братот на премиерот, Вице Заев – тврди претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кој обвинува за мега афера

На брифинг со новинари Мицкоски рече дека сопственикот на фирмата-добитник, Василев, пријавил лани во полиција во периодот на техничката Влада, но потоа му била променета изјавата – делот каде што го споменува Вице Заев го нема во записникот. Тоа го овозможил Лазе Велковски, директорот на БЈБ кој месецов беше разрешен, кажа Мицкоски повикувајќи се на информации од свиркачи. Според планот на поранешниот директор на РЕК Битола, Ковачевски, зделката требало да ја добие друга фирма, СВ Инвест на Столе Чифлигароски.

Побарувањата биле „Рубитон“ да ја сработи работата, а 250.000 евра да му припаднат на Вице Заев во кеш и таа сума била многу поголема од можната заработка. Откако сопственикот на „Рубитон“ не се одзвал на повиците, Вице му се заканил дека фирмата ќе ја загуби работата. На крајот така и било. Компанијата ја губи работата од РЕК и трпи штета од 30 милиони денари. Оштетените пријавуваат во полиција, по што била изготвена пријава до ОЈО потпишана од Лазе Велковски. Но, мистериозно исчезнува делот во пријавата каде што се спомнува Вице Заев. Имаме информација дека Лазе Велковски веднаш изработил нов документ и таму го изоставил делот каде што се спомнува братот на премиерот.

За Вице Заев изнесените информациите се чиста шпекулација и конструкција за негово лично оцрнување и како што вели за Канал 5, својствено за времето на владењето на ВМРО-ДПМНЕ, во чие време токму Мицкоски бил директор. Вице Заев ги повика институциите веднаш да го расчисти случајот.

Зарем постои некој друг опозициски лидер во светот кој организира пресови, криејќи се зад таканаречени брифинзи. Очигледно нема ништо вистинито во ова што го зборува Мицкоски, па затоа, кукавички се крие зад брифинзи, наместо храбро како лидер на партија да се појави пред целата јавност и да ги изнесе овие гнасни лаги. Но не, нема храброст затоа што се плаши од тужба. Да имаше Мицкоски некаков доказ ќе го приложеше, ама нема. – вели Вице Заев.

Демант пристигна и од Васко Ковачевски.

Ова се неосновани и тенденциозни напади врз комбинатот и компанијата. Договорот со фирмата Рубитон која ископуваше јаловина во рудникот Суводол, е раскинат од страна на РЕК Битола на 07.11.2018 од причини што Рубитон не го вршеше ископот со динамика и количини предвидени во договорот.

Мицкоски рече дека според датумот на записникот, полицијата е известена за изнуда во февруари минатата година, а досега случајот нема разврска. Тврди дека за обидите на Васко Ковачевски и Вице Заев да ја договорат зделката, има луѓе кои се подготвени да сведочат.

Извор Канал5